Конструкција на моторите – кој е оптимален број цилиндри (2*видео)

Од два до дванаесет, па и повеќе

» Возните својства, звукот, комфорот поради вибрациите – сето тоа зависи од бројот на цилиндрите на моторот. Американските и скапите европски возила често имаат V8 мотори. Друга крајност се двоцилиндричните мотори кои во живот ги врати Fiat. Бројот на цилиндри битно ги одредува карактеристиките на автомобилот, но и неговата статусна позиционираност. Иако сега во овие современи времиња каде владеат хибридите тој факт полека бледее, бројот на цилиндри е своевиден показател на величината, перформансите и цената на секој автомобил.

Најчести се моторите со четири цилиндри кои се стандард за поголем дел од автомобилите. Но од средината на ’90-тите години прво меѓу помалите автомобили започнаа да се пробиваат и трицилиндричните мотори кои стигнаа и до лимузините на BMW. Помалиот број цилиндри ги намалува тежината, отпорите, потрошувачката и производствената цена, но донесува и малку понемирна работа. Со повеќе цилиндри моторот работи помирно, а и звукот му е попривлечен. Токму заради тоа многу купувачи на поскапи автомобили не сакаат ни да слушнат за помалку од шест цилиндри, без оглед што таквите мотори се поскапи за одржување и повеќе трошат. Заклучок е  дека при изборот на моторот за автомобилот подеднакво се важни рационалните и емоционалните причини.

2 цилиндра – како во Fiat 500

Моторите со помал број цилиндри имаат помалку подвижни делови (клипови, клипници, лежишта и друго), а поголемите цилиндри пак подобро мешање на смесата на воздух и гориво и нејзино подобро согорување. Но ваквите мотори изворно работат немирно, што се решава со вградување оска за урамнотежување. Денес се реткост кај автомобилите.

помалку делови
помала тежина
помала потрошувачка
немирна работа
неопходна оска за урамнотежување

3 цилиндри – како во Toyota Aygo

Оваа концепција на моторите во минативе години доживеа најголем пораст. И за нив важат работите кажани за двоцилиндричните, но кај помалите конструкции можни се изведби и без оска за урамнотежување. Со помош на турбокомпресор можат да испорачаат сериозна моќност и се среќаваат и во возила од средната класа, како што е Ford Mondeo.

компактна изведба
поволна потрошувачка
поевтино одржување
неубедлив звук

4 цилиндри – како кај Volkswagen Golf

Ова е оптимална концепција на моторите бидејќи може да се користи во широк дијапазон на работна зафатнина за возила со различна големина и намена. Посебно е погодна за попречно вградување и има најдобар сооднос на битните својства, а сразмерно едноставната конструкција обезбедува и поволна цена. Кај моторите со поголема работна зафатнина потребни се оски за урамнотежување.

ускладени својства
најширока примена
поволна цена
компактна изведба
потребно е урамнотежување за поголемите изведби

5 цилиндри – како кај Audi TT

Необична концепција која порано масовно ја користеа Audi, Mercedes и Volvo, а денес поретко се среќава. Се одликува со специфичен и атрактивен звук, а заради изведбата посебно е погодна за попречно вградување во автомобили со поголема сила.

возбудлив звук
погодна за попречно вградување
добар компромис
сложена изведба

6 цилиндри – како кај BMW серија 5

Во изведбата со линиски поставени цилиндри каква што се среќава кај BMW тие се најдобро урамнотежените мотори. Имаат најмирна работа и сразмерно најлесни клипни механизми, без оски за урамнотежување. Поголем дел од производителите сепак се решаваат за V-изведбата која има покомпактни димензии и може да се вградува и попречно, а Porsche користи боксер конфигурација.

мирна и тивка работа
долговечна изведба
претставуваат статусен симбол
тешко попречно вградување на линиските изведби

8 цилиндри – како во Mercedes S-класа

Некогаш најчеста концепција кај автомобилите од високата класа, исклучиво во V-изведба, која обезбедува најдобро искористување на просторот под хаубата. Има мирна работа и специфичен звук, кој истовремено е и статусен симбол. Во последно време се потиснати од турбо шестцилиндричните, па дури од хибридните четирицилиндрични мотори.

најпогодни за високата класа
поволно искористување на просторот
претставуваат статусен симбол
висока цена

10 цилиндри – како кај Lamborghini Gallardo

Оваа необична концепција која се докажа во формула 1 денес се среќава само кај Lamborghini и најспортските модели на Audi. Овозможува својства на V12 мотор во помало, но покомплексно за изведба пакување.

искуства од формула 1
погодни за централно вградување
комбинација на V8 и V12
комплексна изведба
висока цена

12 цилиндри – како во Rolls-Royce Phantom

Како симбол на висока ексклузивност сега многу ретко се среќаваат, практично ги имаат само пар производители како Rolls-Royce и Aston Martin. Оваа концепција обезбедува совршен баланс и најголем углед, но заради големиот број делови и склопови е најскапа и најтешка за изведба.

совршен баланс
само за најелитните автомобили
умерено оптоварување
многу делови
висока цена

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *