Tags:
Како не треба да се седи зад воланот

Основа за безбедно и удобно возење

» Уште во авто-школите нé учат дека правилното седење и држење на воланот е основа за безбедно и удобно возење. Но ако се погледне малку на улиците ќе се види дека ретко кој од возачите седи како треба, како го учеле. Некако сме навикнати на тоа па воопшто не нé изненадува, но на сите ни е јасно дека се работи за грди навики кои ја влошуваат контролата над возилото и влијаат на безбедноста во секојдневните ситуации. Ова се неколку најчесто среќавани примери на погрешно седење за време на возењето.

Почетник

Седиштето е поставено високо и блиску до воланот, што резултира со неправилна положба на рацете. Се намалува видното поле на возачот кому предните столбови му пречат во погледот лево или десно, но и во ретровизорите. Така позициониран тој потешко ќе ги забележи велосипедистите и мотоциклистите, но ќе реагира и побавно. Проблем е и маневрирањето, посебно кога воланот побрзо треба да се сврти.

Фраер

Наслонот е премногу спуштен, седиштето повлечено подалеку а воланот се држи со една рака. Возачот нема ослонец за грбот така што тој всушност се држи за воланот што е многу опасно. Покрај тоа, тој е позициониран и малку настрана што му го ограничува погледот од автомобилот. Ваквото држење на телото не овозможува брза и правилна реакција, заради што оваа позиција на седење е најризична и најнебезбедна, посебно за останатите учесници во сообраќајот.

Таксист

Наслонот е погрешно поставен, седиштето оддалечено од педалите а воланот се држи на дното. Ова го прават луѓе кои многу време поминуваат во возење, посебно во градски сообраќај, сметајќи дека на тој начин ги намалуваат заморот и болките во грбот од долгото седење, што баш и не е точно. Опасноста лежи во тоа што лажното чувство за релаксираност ги отапува рефлексиите и забавува реакциите во неочекувани ситуации.

Бизнисмен

Кога воланот се држи со една рака а со другата телефонот, мислите на возачот се далеку од тоа што се случува во сообраќајот заради што неговите проценки се лоши и се предизвикуваат  небезбедни ситуации. Потпирањето на лактот на наслонот од вратата ги спречува брзите реакции. Посебен проблем е што ваквите возачи често брзаат некаде и не ги почитуваат правилата, особено во одржувањето на растојанието меѓу возилата.

Пензионер

Воланот се држи грчевито, телото е наведнато нанапред а погледот фиксиран, ситуација која покажува како возачот да има страв од сообраќајот. Заради повисоко поставените раце воланот  може да се сврти само половина круг, а кога се поминува преку дупки, шахти или други нерамнини на коловозот тој се цима лево-десно. Фиксираниот поглед значи и дека вниманието на возачот е фокусирано само напред.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *