Tags:
Кен Тајрел (1924-2001) – 2*видео

Добар возач, одличен тимски лидер

» Роберт Кенет или како што ние го знаеме Кен Тајрел е еден од малкуте возачи кои постигнувајќи добри пласмани и понекоја победа на време сфатија дека нивниот вистински талент лежи во тимското водство, да ги предводат другите место тие самите да бидат зад управувачот на тркачките болиди. Првиот ангажман му беше во британската формула јуниор каде на почетокот на 1960-тите години го откри талентот на младиот Шкотланѓанец Џеки Стјуарт со кој разви посебен однос. Затоа и не беше изненадување кога во 1968-мата кога стана прв човек на F1 тимот на Matra го донесе токму него, иако Стјуарт имаше понуди од многу поугледни тимови. Потегот се исплатеше – во 1969-тата и Стјуарт и Matra ги освоија шампионските титули, по што Тајрел основа сопствен тим и во 1971-вата го повторија двојниот успех, за две години подоцна Стјуарт по трет пат да ја освои титулата, а тимот на Тајрел да го заврши шампионатот како втор. Тоа беше врв на кариерата на Кен Тајрел.

Тимот ќе биде релативно успешен и понатаму освојувајќи повремени победи, а една од нив му донесе и револуционерниот болид со шест тркала, на шведското гран-при во 1976-тата кога тонењето кон дното веќе беше започнато. Последната победа ја освои Микеле Алборето во 1983-тата, а тимот потоа уште 15 години се одржа во октанскиот циркус. Но независно од резултатите, Кен Тајрел отсекогаш беше доста забележлива личност во светот на формула 1, еден од оние кои се прашуваа за мислење, дури и во турбо времињата кои исконски ги презираше и одудараше од другите на стартно-целната рамнина. Сепак не издржа и во 1997-мата го продаде тимот и се повлече. Умре од рак на панкреасот  во 2001-вата, а на темелите на неговиот тим настанаа прво BAR и Honda, а потоа победничкиот Brawn и шампионскиот Mercedes, така што може да се каже дека дел од духот на Кен Тајрел цело време ја  движи формула 1.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *