Најдоброто од Советскиот Сојуз
» ГАЗ-24 Волга која за Русите беше статусен симбол, во тек на долг период претставуваше најизвезуван автомобил, така што не беше ретко да се сретне и во останатите европски и други држави. Додека ГАЗ-21 беше дизајнерска копија на американскиот Ford Mainline од 1952-рата, новата Волга беше посебен автомобил во секој поглед. Имаше карактеристики кои заслужено го прославија – беше моќен, одличен за сите патишта, а добро одржуван можеше вечно да трае. Исто така беше и попростран (погледнете го видеото кое иако е од друга генерација на Волга најдобро илустрира колку внатрешноста беше раскошна) и поудобен, но и потежок за купување во споредба со претходникот. Развојот му започна уште на почетокот на ’60-тите години, но првите прототипи беа подготвени во 1966 година. Тие имаа чисти линии и четири светла, кои кај серискиот модел беа заменети со две поголеми. Беше развиен и нов алуминиумски 2,4 литарски четирицилиндричен мотор со 95 KS кој за таксистите развиваше 85 коњски сили и трошеше од евтиниот 76-октански бензин. Производството започна во 1968-мата, но првите две години беа направени само симболичен број возила. За разлика од ГАЗ-21, за да ја купат новата Волга на советските граѓани сé до ’80-тите им требаше специјална дозвола.
Во текот на долгата кариера на ГАЗ-24 се експериментираше и со други мотори, но во големата лимузина со 2,8 метри меѓуоскино растојание единствено се најде само 2,1 литарскиот дизел од Peugeot 404 со 62 KS кој се вградуваше во Белгија. Во Русија пак со таков мотор но со 75 KS беа направени околу илјада возила за извоз во Индија, Пакистан и Сингапур, со волан на десната страна. Во големи количини се извезуваше и во Куба и Кина, каде беа испратени околу 75.000 возила. За специјални прилики (читај: воени паради) беше направена и кабриолет верзија, а се експериментираше и со 4×4 погон. Најмногу внимание сепак привлече V8 изведбата создадена во 1974-тата. Моторот беше дериват на оној од Чајка и од 5,5-те литри развиваше 190 KS. За разлика од стандардниот модел кој се опремуваше со четиристепен мануелен, менувачот беше тристепен автоматски, а имаше и резервоар од 105 наместо од 55 литри. Никогаш не беше објавено, но се верува дека постигнуваше 180 km/h и во најголем број случаи возилата беа наменети за безбедносните сили. Освен долгата антена што ја имаа, единствена разлика во изгледот беше двојната издувна цевка.
Волга од втората генерација без поголеми промени опстана на пазарот дури 18 години. Единствено во 1977-мата ентериерот доби нов дизајн, а започнаа да се вградуваат и сигурносни појаси. Посериозните измени следеа на средината на ’80-тите кога се појави официјално третата генерација, но всушност тоа беше втората замаскирана со минимални козметички зафати да изгледа како нов модел. Моторот беше модернизиран и доби 10 коњи повеќе, а повторно за државните структури се правеше и V8 верзија. Од сите верзии на ГАЗ-24 до крајот на производството во 1993 година беа направени скоро еден ипол милиони примероци.