Tags: ,
Историја: Saab (1945-2012) – видео

Брза брзина

» Приказната за Saab е уникатна и брза. Започнува со основањето на производителот на авиони Svenska Aeroplan AB во 1937 година, кога на шведската армија итно им требаше наоружување за одбрана на неутралноста на земјата од сеништата на војната кои се закануваа. Војната беше и помина и во 1945 година во Saab одлучија да го пренаменат вишокот свои капацитети за производство на автомобили. Причината беше чисто економска – пред втората светска војна возилата во Шведска се увезуваа главно од САД. Но за време на војната американската автомобилска индустрија произведуваше тенкови и не можеше веднаш да се врати на изворниот бизнис, а на Шведска, како и на цела Европа, ѝ требаа автомобили кои немаше од каде да се купат.

Така Saab во 1945 година започна со својот автомобилски проект со ознака 92 од кој се изроди Ursaab, чие име во превод значи оригинален, односно првобитен Saab. Тежеше само 800 kg и имаше доста аеродинамична каросерија како резултат на авијатичарското искуство на компанијата. Откако првиот прототип се докажа поминувајќи 530.000 километри во тајност главно ноќе низ шведските беспаќа, беа направени уште три прототипа од кои во 1949 година се изроди серискиот Saab 92. Интересно е што неговата каросерија се произведуваше во едно парче, а потоа на неа се правеа отворите за вратите и прозорците. Беше задвижуван од мал двотактен двоцилиндричен мотор со 764 cm³ со 25, а подоцна 28 KS кои преку тристепен менувач се пренесуваа на предните тркала. Од причини што шведската армија беше набавила огромни количини зелена боја за камуфлажа која се покажа несоодветна за тоа и остана неискористена, сите возила на почетокот беа зелени. До 1957 година беа произведени 20.128 примероци.

Неговиот наследник Saab 93 од 1955 година доби мотор со три цилиндри и 33 коњски сили, кои ги распламтеа спортските амбиции на марката, крунисани со победи на финското, шведското и други рели натпревари. Овој модел беше првиот кој се извезуваше, најмногу во САД, каде посебно беше интересна неговата спортска изведба GT750 со 50 KS. Тој беше основа и за караванскиот Saab 95 кој имаше седум седишта и постојано унапредуван опстана цели дваесет години на пазарот. Механиката на 93 беше искористена и прототипите на првата генерација на отворениот двосед Sonett, кој не стигна до сериското производство.

Второто техничко ревидирање на платформата на 92 во 1960 година на свет го донесе Saab 96, кој беше доста важен модел за марката. Се извезуваше масовно и за две децении колку се произведуваше стигна до продукција од скоро 550 илјади. Популарноста не му ја помати ниту неговиот наследник моделот Saab 99, кој се појави осум години после него. Тој беше првиот сосема нов модел после 19 години, со кој се прекина врската со 92. Но не целосно – таа опстана и во втората и третата генерација на Sonett кои имаа купе каросерија. Saab 99 донесе голем број иновации кои ги дефинираа моделите на марката наредните децении. Поголем по димензии, беше опремуван со четирицилиндрични мотори, а во 1978 година доби и турбо компресор. Остана во производство шест години по појавувањето на Saab 900, кој заснован на него беше достапен како седан со две и четири врати, комби-купе со три и пет врати и како кабриолет. По преземањето на Saab од страна на General Motors овој модел во 1994-тата доби нова генерација базирана на платформата од Opel Vectra, која после четири години беше преименувана во . Со производството од скоро милион единици ќе остане забележан во историјата како најуспешен модел на шведската марка.

Во меѓувреме, во 1978 година Saab започна соработка со Fiat, најпрво продавајќи ја во Шведска Lancia Delta како Saab 600, а потоа и заеднички развивајќи ја платформата за Alfa Romeo 164, Fiat Croma, Lancia Thema и Saab 9000, кој се појави во 1984 година. Овој модел беше најголемиот Saab направен било кога и прв со V6 мотор и автоматски менувач. Во 1997 година беше заменет со 9⁵, кој во две генерации заедно со 9³ остана во производство до банкротот на компанијата во 2012-тата. Во периодот од 2004 до 2006 година Saab ја продаваше караванската верзија на Subaru Impreza под ознаката 92X, а од 2004 до 2008 беше присутен на пазарот и со својот прв SUV, моделот 97X. Тој имаше многу што заедничко со Chevrolet Trailblazer, Buick Rainier, GMC Envoy и Oldsmobile Bravada, меѓу кои и нивниот V8 мотор. Како негов наследник беше планиран 94X, кој базиран на Cadillac SRX се произведуваше само во 2011 година во фабриката на GM во Мексико.

Последниот здив на Saab беше концептот PhoeniX претставен на салонот во Женева истата година, за кој како инспирација се искористени сите модели на марката било кога направени и требаше да претставува дизајнерска револуција за идните модели. Но нив ги немаше – двегодишните напори на новиот сопственик Spyker кој во 2010-тата го откупи Saab од General Motors завршија без успех. Оваа приказна можеби ќе имаше поинаков крај да не беше одбивањето на Американците заедно со компанија да ги продадат и патентните права што ги поседуваше Saab, плашејќи се тие да не дојдат во кинески раце. На крај имотот на Saab беше продаден на кинескиот конзорциум National Electric Vehicle Sweden (NEVS) кој, како што името му кажува, сакаше да произведува електрични возила. Иницијалниот обид за тоа беше неуспешен, а после долга низа проблеми електричниот 9³ но без името на Saab и под ознаките на NEVS започна да се произведува во 2017 година, ама во Кина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *