Авто-плин во автомобилот – да или не?

Кои мотори го поднесуваат, а кои не треба да се возат на авто-плин

» Течниот нафтен гас, познат по кратенките LPG и GPL а најмногу како авто-плин, отсекогаш бил предизвикувачка алтернатива на бензинот. Дури и кога цените на горивата не беа така високи, вградувањето плинска инсталација отсекогаш беше примамлива опција. Возењето на плин финансиски е исплатливо дури и кога со возилото се поминуваат некој просечен број километри, но само теоретски. Тоа е точно во случај кога моторот е прилагоден за работа на авто-плин, што по правило важи за европските бензински мотори со хидраулички подигнувачи на вентилите. Но ако моторот тоа го нема, што е чест случај кај јапонските, тогаш постои проблем – вентилите односно нивните седла можат да изгорат.

Можеби звучи чудно зошто токму јапонските мотори го немаат овој технички понапреден разводен механизам, но јапонските инженери до толку се убедени во квалитетот на своите мотори што сметаат дека кај нив трошењето на материјалот е занемарливо и дека нема потреба од такво нешто. Постојат примери кога контролата на работата на разводниот механизам, и тоа само со слушање без никакво отворање на моторот, е предвидена на секои 120.000 km. Но биле јапонски или не, моторите кај кои зјајот на вентилите се подесува рачно, се подложни на проблеми кога работат на авто-плин. Имено, кога моторот место бензин троши плин, вентилите, посебно издувните, значително повеќе се загреваат и согласно тоа се растегнуваат. Бидејќи нема компензациски елемент какви што се хидроподигнувачите, нема ни простор за тоа. Затоа и растегнатите вентили не затвораат потполно и брзо ќе изгорат. Заради тоа моторите опремени со систем за напојување на плин по правило треба да се отворат веќе после 40.000 km, понекогаш и порано, за да се провери дали вентилите треба да се менуваат. Тоа донекаде може да се ублажи со вградување поквалитетен систем за напојување со авто-плин кој има прецизна регулација и со помош на специјални млазници прска масло по вентилите и така ги лади, ама ни тоа не е во потполност издржливо. Плус на тоа, кога ќе се пресметаат цената за таква инсталација, зголемените трошоци за одржување (заради повратните детонации кај плинските мотори почесто страдаат всисното куќиште и мерачот на проток на воздух, посебно ако се вгради лоша опрема) и ризиците од скапи дефекти, прашање е дали сето тоа ќе се исплати.

За крај, треба да имате предвид и дека ако автомобилот сé уште е под гаранција, можете да ја загубите ако вградите плински уред.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *