Шокантните сценарија најголема пречка
» На почетокот на развојот на автономните возила, кога тие постоеја само како идеја, никој не се заморуваше со нетехничките проблеми што ќе се испречат на нивниот пат кон иднината. Тие дојдоа на ред сега кога автономните возила повеќе години се присутни не само на затворените фабрички тест-полигони туку и во реалниот свет, на улиците. Најзвучните светски компании како што се Google и Apple, а од автомобилските покрај Tesla сите значајни производители, упорно и со големи инвестиции ги развиваат технологиите за нив доведувајќи ги скоро до совршенство – милионите поминати километри сведочат за тоа. Работите во техничка смисла се отидени толку напред што слободно може да се каже дека чувствителните сензори од различни видови и со различни намени и моќните компјутерски архитектури кои ги подржуваат се во состојба во реално време да ги обработат огромните количини податоци потребни за возилата сами да се движат. За тоа да биде безбедно и без незгоди се грижи софтверот чии напредни алгоритми можат во потполност да го заменат човекот зад управувачот.
До тука сé е кристално јасно – стручњаците се сложуваат дека со елиминација на човечкиот фактор патниот сообраќај ќе се подобри бидејќи ќе се одвива побезбедно, побрзо и со помала потрошувачка на енергија. Автономните возила веќе сега имаат постигнато ниво на зрелост кое им дозволува потенцијална експлоатација. Но засега автономните возила не можат сами да се движат во јавниот сообраќај, туку треба да биде присутен и возач кој ќе ја презеде контролата кога ќе процени дека тоа е потребно. Освен од правен аспект, причините за тоа се од безбедносна и етичка природа. Колку и да се комплексни, правните проблеми најбрзо ќе се решат бидејќи кај нив ќе има најмалку дилеми. Во основа тие се однесуваат на одговорноста кој ќе биде виновен ако дојде до сообраќајна несреќа – сопственикот или производителот на возилото. Можеби во некои ситуации ќе има спротивставени мислења, како на пример дали семејството на самоубиец кој свесно се фрлил под тркалата ќе може да тужи бидејќи автомобилот не го избегнал, но генерално сé однапред може да се дефинира и правно уреди.
Ќе се излезе на крај и со безбедносните ризици во поглед на тоа како да се спречи автономните возила да не се користат за терористички дела, на пример да се наполнат со експлозив и со навигација да се однесат до место на кое би се детонирале, додека виновниците ќе бидат стотици километри далеку. Ваквиот тип проблеми допрва ќе се откриваат бидејќи автономните возила се идеална „алатка“ за терористичките активности и криминалните умови секако дека детално ќе ги истражуваат можностите како да ги искористат. Очигледно е дека безбедносните служби ќе добијат нови причини за грижа и бројни дополнителни задолженија.
Најголемата и засега непремостлива пречка ќе бидат етичките дилеми и одлуки – кој има право да избере кој човечки живот да се жртвува во неизбежна ситуација? Замислете сценарио во кое додека автономниот автомобил во кој се наоѓа еден човек прописно се движи по улица, пред него истрчуваат две деца а од спротивната насока наидуваат други возила. Автомобилот секако ќе закочи веднаш, но дали ќе продолжи да се движи директно кон децата или за да ги избегне ќе сврти на спротивната лента и ќе се судри со некое друго возило? Во првиот случај може да настрада некое од децата, а во вториот некој од возачите. Прашањето е тешко, а уште потешко е ако истрча едно дете а во возилата се наоѓаат повеќемина. Или пак ако на тротоарот се наоѓаат две постари лица кои си поминуваат? Кој човечки живот повеќе вреди – помладиот или постариот? А ако ги има повеќе?
Вакви проблеми од етичка природа досега немаше бидејќи во вакви ситуации човекот се ослонува на својот инстинкт и рефлекси и нема време за размислување за потенцијалните опции. Силните компјутери на автономните возила им овозможуваат да ги пресметаат шансите за сите опции и да се делува според нив, но тоа значи дека свесно треба да се испрограмираат во одредени ситуации некој живот да се спаси, а друг да се жртвува само заради тоа што е пресметано дека во тој момент тоа претставува потенцијално помала штета. Затоа повторно ќе прашаме – кој има право да избере кој човечки живот да се жртвува во неизбежна ситуација?
Проблемот е премногу комплексен и во моментов е предмет на филозофска расправа на социолозите, психолозите, психијатрите и лицата кои системски се бават со човековите права. Спроведени се некои истражувања со кои е испитано прелиминарното мислење на јавноста, но не е добиен конкретен и јасен став. Општо кажано, иако сите се посебно чувствителни кога децата се во прашање, повеќето луѓе се сложуваат дека секој човечки живот е еднакво важен и дека автономните возила секогаш треба да ја изберат опцијата во која бројот на човечки жртви ќе биде помал. Ако пак бројот е ист, во тој случај треба да се спасат случајните минувачи а да се жртвуваат луѓето во автомобилот бидејќи се заштитени од каросеријата и ризикот за нив е помал. Но согласно човековата природа, испитаниците даваат различни одговори во зависност од тоа дали се ставени во улога на патници во автомобилот или како случајни минувачи.