Ги зголемува еластичноста и силината на моторот
» Голем дел од новите бензински мотори има VVT систем што е кратенка од Variable Valve Timing, односно променливо време на отворање и затворање на вентилите. Како што ознаката му кажува, тој го менува времето на отворање и затворање на вентилите (главно всисните) во зависност од брзината на вртење на моторот. Заради подобро полнење и празнење на цилиндрите всисните вентили се отвораат пред издувните целосно да се затворат, односно кратко време при преминот од четвртиот во првиот такт истовремено се отворени и издувните и всисните вентили што се нарекува преклопување. Менувањето на времето на отворање и затворање на вентилите се врши со хидрауличен склоп. Тој при низок број вртежи ја свртува брегастата оска на всисните вентили спротивно од насоката на вртење. Со тоа се намалува или сосема анулира преклопувањето и зголемува еластичноста на моторот. На високи вртежи брегастата оска дополнително се свртува во насоката на вртење со што се зголемува преклопувањето и моторот добива на сила. Хидрауличниот механизам го користи маслото за подмачкување на моторот, заради што е препорачливо целосно синтетичко масло. Менувањето на времето на отворање и затворање на издувните вентили се користи за намалување на емисиите на издувни гасови.