Tags: , , ,
Историја: Ford Capri (1968-1986) – 108 фотографии + 3 видеа

Европски Mustang

» По спојувањето на британската и германската филијала во втората половина на ’60-тите години, на Ford му требаше нов, посовремен имиџ. Марката важеше за производител на квалитетни и издржливи, ама „здодевни“ автомобили кои не предизвикуваа возбуда. Бидејќи претходно истото го направи во Америка со Mustang, нормално беше неговата формула да се примени и во Европа. Не целосно заради различниот вкус на купувачите, ама доволно блиску за да може неговата слава да помогне на новиот модел за подобар пласман, иако, искрено кажано, на Capri тоа воопшто и не му беше потребно бидејќи за првите година ипол се продаде во неверојатни 400 илјади примероци.

Тоа беше резултат на вешто склопената комбинација на одличен дизајн, докажана механика, ниска цена и широка понуда со богата листа опции. Capri после Escort беше втор паневропски модел на Ford и за неговото креирање беа задолжени дизајнерските центри на марката и во Европа и во Америка. Тие имаа задача да создадат спортско купе кое ќе биде пристапно и ќе им се допаѓа на широк круг купувачи на сите пазари, базирано на постоечката механика и едноставно и евтино за производство. Со почетен буџет од 20 милиони фунти, тимот стручњаци започна уште на почетокот на 1965 година да работи на него. Платформата беше земена од Cortina Mk II, а од Mustang кој беше апсолутна инспирација концепцијата „долга хауба – кратка опашка“.

Беа направени повеќе различни прототипи и презентирани на управата на компанијата, која се одлучи за полу-фастбек купе варијантата. Развојот течеше без поголеми проблеми и производството на Capri започна при крајот на 1968 година во Велика Британија и Германија, а премиерата се одржа на салонот на автомобилите во Брисел на почетокот на идната 1969-та. Новиот модел на Ford беше полн погодок и голема сензација – пред изненадената публика се најде убаво и модерно 2+2 купе со складни линии, ниска силуета и изглед каков не само Ford туку и воопшто европските автомобили дотогаш немаа. Иако беше развивано под името Colt, заради веќе постоечкиот истоимен модел на Mitsubishi ново купе беше наречено Capri според преубавиот италијански остров. Добар дел од привлечноста донесоа и релативно ниска цена и многуте различни мотори во понудата. Куриозитет е што Capri за различни пазари имаше различни мотори – во Велика Британија се продаваше со 1,3 и 1,6 литарски четирицилиндрични и дволитарски V4, а во континентална Европа со 1,3, 1,5 и 1,7 литарски V4 и дволитарски V6 мотор. Подоцна истата година горниот дел од гамата беше проширен уште со 2,3 и 3,0 литарски агрегати. Купувачите беа задоволни и Capri брзо го најде својот пат до извозните пазари – најпрво Австралија, а потоа и Јужна Африка, Блискиот Исток и САД, каде се продаваше без амблемот на Ford и низ дилерската мрежа на Mercury.

Глобалната рецесија и нафтената криза го забавија успонот на Capri, кој во 1973-тата беше редизајниран а веќе идната година и заменет со нова генерација. Продажбата сепак продолжи да паѓа, за што лекот беше побаран прво во вградувањето нови мотори, а во 1978 година со уште една нова генерација. Сакајќи да го задржи овој модел интересен за купувачите Ford постојано нешто менуваше на него и исфрлуваше специјални изведби, но попусто. Времето му помина и најпрво во 1984-та запре неговата продажба во Европа, а две години подоцна и во Велика Британија. За време на неговиот 19-годишен живот беа произведени точно 1.886.647 примероци, така што не треба да чуди што неговиот култ живее и ден-денес.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *