Ниска потрошувачка на гориво – само во проспект

Зошто не може да се постигне декларираната потрошувачка?

» Иако со напредокот на технологиите моторите стануваат сé поекономични, потрошувачката на гориво не се намалува толку. Причини за тоа има повеќе – опремата на возилата, бројната електронска логистика, безбедносните пакети и сé друго што еден современ автомобил има. Зголемувањето на ефикасноста на моторот главно се постигнува со намалување на отпорите и подобрување на напојувањето – некогашните карбуратори денес се заменети со системи за директно вбризгување кои овозможуваат подобро согорување. Степенот на ефикасност на моторите со внатрешно согорување, во зависност од концепцијата, се движи од 35 до 45 отсто. Тоа значи дека само толкав процент од енергијата на горивото се претвора во механичка работа.

Таа пак се троши на совладување на механичките загуби, отпорите на тркалање и на воздухот, забрзување, кочење, искачување нагорници, како и за задвижување на системите на моторот односно возилото. Во претходните децении конструкторите на возилата и пневматици значително ги намалија отпорите на тркалање, аеродинамичните отпори и механичките загуби. Проблемот е во сé поголемиот број системи во возилата за кои треба енергија. На пример електричните стакла, аудио системите и сличната опрема троши електрична енергија која ја произведува алтернаторот, кој пак механички е задвижуван од моторот. Се проценува дека опремата што ја имаат современите автомобили може да влијае за пораст на потрошувачката за цел литар на сто километри. Дури и запалените светла трошат – ако не се ЛЕД тогаш и до 0,2 литри. Потрошувачката сепак најмногу ја зголемува клима уредот, посебно во град – на лето кај помалите возила за околу литар а кај поголемите и на големи жештини и за повеќе од два литра на 100 km. Но дури и ништо да не се користи од опремата што современите автомобили ја имаат, самата нејзина тежина ја зголемува потрошувачката. Во последниве неколку децении тежината на возилата се има многу зголемено – првиот Golf на пример според фабричките податоци тежеше 790, а сегашниот 1.255 килограми. А секои 100 kg ја зголемуваат потрошувачката на гориво за 0,3 литри…

За да прикажат што помала потрошувачка на гориво, производителите се служат со разни трикови, посебно порано кога не се користеше WLTP протоколот. На пример потрошувачката се мери на автомобилите со најосновната опрема (кои се најлесни), без да се вклучуваат клима уредот, радиото, светлата или некои други потрошувачи на струја. Во нив се става целосно наполнет акумулатор, маслото и течноста за ладење претходно се загреваат на работна температура, а се користи најквалитетното можно гориво.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *