Творецот на бензинските мотори
» На денешен ден 1891 година почина Николаус Аугуст Ото, творецот на денешните бензински мотори. Германскиот иноватор започнал да се интересира за моторната техника во 1860 година кога се сретнал со гасниот мотор на Белгијанецот Жан Леноар. Ги увидел неговите недостатоци, го унапредил, го прилагодил да работи на течно гориво и во 1862 година понел барање за негово патентирање. Бил одбиен, по што започнал да работи на мотор кој користи поинаков процес на согорување. Но неговиот четиритактен мотор уште на првата проба после само неколку минути работа се распаднал, по што Ото се враќа на гасните мотори но не се откажува од идејата. Конечно, во 1876 година успева да направи доверлив и практично употреблив мотор. Имал еден цилиндар со работна зафатнина од 6,1 литри и развивал 3 коњски сили при 180 вртежи во минута. Во негова чест и ден-денес бензинските мотори со четири такта уште се нарекуваат и ото мотори, а процесот на согорување ото циклус.