Зајакот на VW ја заврши својата пазарна трка
» На денешен ден 1984 година од погоните на Volkswagen во Пенсилванија излезе последниот примерок на Rabbit. Оваа американска верзија на Golf од првата генерација започна да се произведува во САД во 1978 година. Golf кој под ознаката Rabbit претходно се увезуваше од Германија ги воодушеви Американците со својот квалитет и перформанси, посебно со ниската потрошувачка и првата година освои повеќе од 100 илјади купувачи. Сакајќи да го искористи моментот, VW се одлучи за локално производство за да се постигне пониска цена. Но својата „американизација“ Golf, поточно Rabbit, ја плати со помекото ослонување и поевтините материјали во внатрешноста, што на пуристите на Volkswagen не им се допадна. Купувачите сепак немаа ништо против тоа и овој модел успешно се пласираше во САД до 1984-тата, една година после престанувањето на неговото производство во Германија.