Како во Франција легално да возите брзо и плус да ви платат за тоа?
» Полициските пресретувачи кои ги ловат брзите возачи на автопат знаат да ви го расипат патувањето. Не е казната во прашање кога ќе ве уловат – сте возеле брзо, ве фатиле, треба да си платите. Проблем е што после тоа во секое возило што се движи брзо колку вас ќе препознавате полициски пресретувач и ќе забавите. А токму тоа е целта на полицијата – да не се вози брзо.
Но, ангажирањето обични, неозначени полициски возила не е евтино за државата. Прво, ви треба доволно брз, релативно нов автомобил. Второ, треба да се покријат трошоците за гориво кои со оглед на километражата што ја поминува и брзината со која се вози, не се мали. Трето, тоа треба да се одржува во перфектна возна состојба за да не се доведе во прашање безбедноста на полициските службеници. Четврто, тие треба да се платат и тоа добро – работата им е теренска и потенцијално опасна. Има уште, ама тоа не е битно – ни ја сфаќате поентата.
Затоа француските власти дојдоа на генијална идеја – да ангажираат приватни пресретувачи. Тие се вклучија во работата на полицијата годинава со 40 свои возила, што е само мал дел – полицијата во Франција ги има вкупно 362 свои, но се покажаа доста поефикасни евидентирајќи една третина од сообраќајните прекршоци за брзо возење. Затоа француската полиција за идната година планира уште 223 приватни пресретувачи, истовремено намалувајќи го бројот на полициските.
Дека интересот на приватниците ќе биде голем не треба да се сомневаме – ем легално ќе можат да возат брзо, ем ќе им платат за тоа, што е работа како измислена за Даниел Моралес!