Tags:
Како да го препознаете заморот зад управувачот

Кога мозокот ќе ги земе работите во свои раце

» Луѓето секаде се заморуваат на ист начин и еднакво се соочуваат со ризиците од тоа. Иако поголем дел од несреќите предизвикани од заморот вклучуваат само едно возило, опасностите ги демнат сите – и оние кои се во возилото управувано од заморен возач и другите учесници во  сообраќајот, во возилата кои му доаѓаат во пресрет, пешаците или велосипедистите покрај патот… Полициските службеници не можат многу да сторат околу тоа – имаат уреди за проверка на алкохол, радари за брзината но не и нешто со што ќе откријат дали возачот е уморен или не. За возачите на тешките возила за тоа се грижи тахографот кој го бележи целото движење и стоење на возилото, но кај возачите на патничките автомобили сé е препуштено на нивната самодисциплина, свесноста да знаат кога треба да застанат и одморат. За жал, во реалноста не е секогаш така.

Опасностите од заморот настануваат во врска со начинот на кој нашиот мозок функционира, во ситуации кога не се вклучува размислувањето за задачата што треба да се направи, туку се делува по автоматизам. Тоа значи дека лесно може да се случи да доживеете несреќа предизвикана од замор и на пат што добро го познавате, блиску до дома, пат што го поминувате секој ден. Токму од таа причина заморот не смее  да се потценува – кога човек е уморен мозокот едноставно не може на соодветен и прецизен начин да одговори во секоја ситуација.

Препознајте го заморот

Ќе ви се чини глупо, но не секој човек секогаш може да го препознае заморот, најмногу затоа што тој се игнорираа или пак се преценуваат сопствените способности. Затоа треба да се биде претпазлив повеќе отколку што мислите дека треба. Императив е да се  спречат потенцијално  опасните ситуации. Клучно е да се препознаат сигналите кои посочуваат дека возете уморни. Првиот и најчест симптом е прозевањето, посебно ако тоа почесто се повторува, проследено со чувството дека мора да ги протриете очите. Се појавуваат тешкотии во концентрирањето на патот, како и потреба малку да се подместувате во седиштето. Ова сигурно веќе сте го доживеале. Во поопасните ситуации ќе се фатите самите себе како возилото ви шета во лентата, час лево час десно.

Друг сигнал дека заморот ве совладува е лутањето на мислите далеку од возењето до толку што не ја прилагодувате брзината или растојанието од другите возила, не можете да возите со константна брзина или пак да се сетите како ги поминавте последните километри. Ако тоа започне да ви се случува, повлечете рачна – застанете и одморете. Ако не го сторите тоа ќе следи ненамерното игнорирање на сообраќајните знаци, односно ќе ги забележите ама нема да реагирате според нив – тоа веќе е сосема јасен сигнал дека вашиот ум не е вклучен во возењето. Ако не сте сигурни дали сега или малку подоцна да застанете, сетете се дека во сообраќајните несреќи предизвикани од замор шансите за тешки повреди или смрт се за 50 отсто поголеми. Ако пак добиете желба да продолжите што побрзо да стигнете таму каде сте се упатиле, тоа веќе е сигурен сигнал дека телото ви е заморено и дека вашиот ум ги потрошил сите опции да ви сигнализира дека одморот е неопходен и возењето веднаш треба да се прекине. Ситуациите во кои ќе се најдете зачудени каде сте тргнале или пак зошто, нема да ги коментираме – заморот ве има совладано, вашиот ум веќе заспал и сте имале среќа што воопшто сте жив.

Решенија

Како најпрво, добро испланирајте го своето патување. Немојте да тргнувате после работен ден, ненаспани, а избегнувајте да возите и во време кога обично одморате, ако имате таква навика. На долги релации најдобро е пред тргнување да отспиете барем седум часа. Пред патувањето проверете го вашето возило, дали на него сé работи како треба, бидејќи во спротивно тоа дополнително ќе ве заморува и ќе ви предизвикува нервози и стресови. Впрочем, користењето на проблематично возило за патување на долги дистанци претставува опасност само по себе, дури и кога сте сто отсто одморени. Ако почувствувате замор во текот на возењето слушањето погласна музика нема многу да ви помогне – тоа ќе делува само 15 или 20 минути, по што уште повеќе ќе бидете заморни. Не сметајте многу и ако сте сам во возилото да повикате некој ваш пријател  на телефон (преку хендс-фри, секако) за да разговара со вас и да ве држи буден – тоа може само да го исплаши него дека нешто може да ви се случи. Некои луѓе сметаат дека ќе им помогне ако возат со полуотворен прозорец но ни тоа не е решение – бучавата од ветрот ќе ви пречи, а ќе морате да возите и побавно.

Место да експериментирате, застанете на првото место, најдобро бензинска пумпа со продавница или ресторан. Немојте да правите пауза седејќи во автомобилот, без разлика дали надвор е многу топло или пак студено. Дури и петминутна пауза за кое време ќе излезете од возилото и ќе ги истегнете малку нозете и одморите очите гледајќи во околните ридишта ќе помогне. Сепак подобро е да направите подолга пауза, да се измиете со ладна вода, освежете се со некој пијалак најдобро со кофеин и да каснете нешто малку и лесно пред да продолжете. Избегнувајте тешки оброци додека патувате, посебно мрсна храна со многу калории, а внимавајте и да не конзумирате премногу шеќери. Избегнувајте и енергетски пијалаци бидејќи тие можат да предизвикаат да се чувствувате освежени, а всушност вашите рефлекси и понатаму да бидат заспани. Најсигурното решение е малку да дремнете – половина час ќе биде доволно. Генерално, паузи во возењето треба да се прават на секои два часа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *