Tags: , ,
Како Mercedes ја докажа издржливоста на 190 (видео)

15 рекорди за 10 дена

» Моделот 190, со кодна ознака W201, беше еден од најзначајните во историјата на марката. Кога се појави во 1982 година јавноста беше одушевена од она што го гледа, но во исто време се прашуваше дали и овој Mercedes е еднакво издржлив како и останатите модели со трокраката ѕвезда. Германскиот производител тоа добро го знаеше и за да го докаже организира исклучително напорно тест возење. Задачата беше за најкратко можно време, со максимална можна брзина, да се поминат 50.000 km. Настанот беше организиран меѓу 11 и 21 август 1983 година на тест патеката Нардо во Италија, каде на температури од 40 степени целзиусови три примероци од перформансниот 190Е 2.3-16 запираа само за промена на возачите и пневматиците, долевање гориво и брзи сервиси на одредена километража. Така за споменатите 50.000 km им требаа 201 час, 39 минути и 43 секунди возење со просечна брзина од 247,94 km/h, со што на најдобар можен начин беше докажана издржливоста на овој модел, по пат поставувајќи 3 светски и 12 интернационални рекорди.

Да се потсетиме, Mercedes 190E 2.3-16 беше новиот врвен модел во серијата W201. Моторот со четири вентили со 2.299 кубни сантиметри работна зафатнина развиваше 185 KS. Стандардната верзија на овој спортски бејби Benz од 0 до 100 km/h забрзуваше за 7,5 секунди и постигнуваше најголема брзина од 235 km/h. Рекордните возила кои беа способни за возење до 260 km/h наголемо одговараа на производствената верзија, како според изгледот така и со технологиите. Тоа посебно се однесуваше на четирицилиндричната погонска единица кај која системите за вбризгување и палење беа прилагодени на посебните услови – возење при константно високо оптоварување и брзини на моторот од околу 6.000 вртежи во минута, а ладилникот немаше вентилатор бидејќи струењето на воздухот при овие брзини беше доволно.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *