Поседувањето сопствен автомобил ќе стане минато

Претплата и изнајмување наместо купување

» Аналитичарите кои ја следат автомобилската индустрија се сложуваат дека во подлабоката иднина новите автомобили ќе бидат самовозечки и малку кој ќе има сопствен автомобил. Тоа, барем кога развиените држави се во прашање, ќе бидат само ентузијастите. Слична паралела можеме да повлечеме со коњите кои порано се користеа за превоз и работа и беа достапни на сите слоеви луѓе, додека денес се ексклузивно и скапо хоби и малку кој може да си ги дозволи. Ако се вратиме во доменот на автомобилите, транспортот ќе се трансформира во услуга и во комбинација на самовозечки автомобили и компании за превоз ќе биде можно да се ангажира автомобил само тогаш кога е потребен.

Рационално гледано, ова има смисла. Зошто да се купува сопствен автомобил кога тој по 23 часа на ден ќе стои на некој паркинг неискористен? Причината зошто е сега така е од културолошко-општествена природа, водена со навиките и всадените обрасци. Поседувањето автомобил е статусен симбол и резултат на желбата луѓето да бидат во потполност независни кога е во прашање слободата на движењето. Затоа и на поголемиот дел од возачите им е тешко да замислат сценарио во кое нема да имаат автомобил. Така ќе биде и во иднина, но тогаш со развојот на самовозечките автомобили вештината да се вози ќе стане излишна. Ако на ова ја додадеме и расположливоста на услужни системи за изнајмување на возила според потребите, тогаш да се има сопствен автомобил ќе стане неисплатливо.

Оваа математика лесно може да се докаже – соберете ги цената на капиталот што треба да го одвоите за купување автомобил односно банкарската камата за кредитот за него, додадете ги трошоците за гориво, одржување, регистрација и амортизација на автомобилот односно губењето на вредноста, ќе дојдете до значајна сума која ќе ви биде на располагање за плаќањето на превозот кога ќе имате потреба од него. А неговата цена со текот на времето ќе паѓа бидејќи поголемата помината километража ќе значи и поголема искористеност на возилата. Гратис ќе ви остане времето кое сега го одвојувате за автомобилот бидејќи тогаш за него ќе се грижи некој друг, а ќе заштедите и живци барајќи во недоглед слободно паркинг место. Современите технологии ќе овозможат автомобилот кога ќе ви треба да го резервирате, презедете во точно одредено време на точно одредена локација и да го вратите кога повеќе нема да ви треба.

Производителите на автомобили се свесни за насоката во која ќе се движи општеството и затоа, засега уште срамежливо, започнуваат да размислуваат да се трансформираат во даватели на услуги од мобилноста бидејќи знаат дека во некое идно време од продажбата на автомобили ќе се заработува помалку отколку од нивното експлоатирање. Свесен е и дел од напредната популација, иако огромен број не очекува вакво нешто во наредните десет години да мрдне понапред и дека ќе остане на ниво на интересна идеја. За да се случи тоа, ќе треба смена на генерациите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *