Првиот електричен Peugeot
» Соочувајќи се со рестрикциите на гориво за цивилна употреба, Peugeot го разви електричното возилце означено како VLV кое беше претставено на 1 мај 1941 година. Ознаката што е кратенка од Vehicule Leger de Ville – лесно градско возило, доста верно го опишува. Долго 2,67 и широко 1,21 метри беше конструирано како мал кабриолет, имаше едно светло, две седишта и четири тркала, од кои задните сместени блиску едно до друго за да се избегне употребата на диференцијал. Четирите оловни акумулатори од 12 волти во предниот дел напред кои се полнеа 10 часа овозможуваа автономија од 70 до 80 километри. Беше тешко 350 килограми, а електромоторот од номинални 1,3 коњски сили сместен назад го задвижуваше до максимални 35 километри на час. Особено го користеа медицинските и поштенските работници, а до февруари 1943 година кога владата го забрани за да не се трошат ресурси за невоено производство, беа направени 377 примероци.