Секому своето
» Американскиот GM одлично оперира на најголемиот светски пазар. Во соработка со кинескиот партнер SAIC присутни се речиси во сите сегменти, а најголемиот дел на возилата се пласираат под знакот на Buick. Очекуван беше и потегот на пазарот да се пласира нискобуџетен мал автомобил со нулто загадување, за кој беше одлучено да се продава под беџот на марката задолжена за комерцијалните возила, Wuling. Наречен е Hong Guang Mini и уште кога се појави пред година ипол најави дека ќе биде вистински хит – само во првите 20 дена се продадоа 15 илјади примероци. А испадна и повеќе од тоа – лани беа испорачани точно 424.138 возила!
Каде лежи тајната? Во цената, се разбира – 28.800 јуани, односно околу 4.500 долари. Но не само во тоа – иако е долго под три метри, има четири седишта. Батериите од 9,3 или 13,9 kWh му обезбедуваат автономија од 120 или 170 километри, а електромоторот од 27 KS максимална брзина од 100 km/h. Се продава и во кабриолет изведба, а најавена е и верзија со електромотор со 41 KS и батерии од 26 kWh кои ќе му овозможат автономија од 300 km. Дали некој после ова ќе остане изненаден од огромниот интерес кој владее за ова електрично возилце?