Tags: , , ,
Mercedes S-класа W220 (1998-2005) – фото галерија, видео

Зачетник на автономното возење

» Во 1998-мата Mercedes ја претстави официјално четвртата, а реално седмата генерација на S-класата со фабричка ознака W220. Полесна, подинамична и штедлива, таа со своите елегантни линии ја замени гломазната W140 серија од која беше помала, но еднакво комфорна. Но за да не помислите дека беше мала – во должина мереше 5.042 mm (продолжената верзија 5.158), во широчина 1.856 и во височина 1.444 mm, додека комфорот го нагласуваше меѓуоскиното растојание од 2.964 mm, односно 3.086 во L верзијата. Тежината беше намалена за цели 215 kg (на 1.910 kg) бидејќи стручњаците на Mercedes пионерски применија интелигентен избор на материјали комбинирајќи челици со висока и ултрависока цврстина, алуминиум и композитни материјали. Со „пеглање“ на каросерија и подницата коефициентот на отпор на воздухот е намален на 0,27, а бидејќи истовремено беше намалена и челна површина на автомобилот економичноста битно се подобри.

Сепак најважна нејзина карактеристика беше тоа што оваа S-класа стана ризница на најновите технологии. Покрај сé што наследи од претходната серија (најважното се првиот сериски ESP и BAS системот), воведе и радарски темпомат кој покрај брзината ја следеше и подесуваше оддалеченоста  од возилото напред, Keyless Go систем за отворање на вратите и стартување на моторот без клуч, Pre-Safe подготовка на системите за активна и пасивна безбедност при непосредна опасност од судар, интелигентно Airmatic воздушно ослонување со автоматски прилагодливо придушување и подесување на висината, телевизија и видеотекст на мониторите на задните страни на предните седишта, далечинско електро-хидраулично отворање и затворање на багажникот, систем за исклучување на секој втор цилиндар кај V8 и V12 моторите, COMMAND систем за вмрежена асистенција на возачот кој е зачетник на системите за автономно возење, ABC (Active Body Control) систем за активна контрола на управувачкиот систем, пружините и амортизерите… Со овој модел целосно беше применет и џентлменскиот договор меѓу Mercedes, BMW и Audi за електронско ограничување на брзината на 250 km/h заради зголемување на безбедноста и намалување на потрошувачката и емисиите на штетни гасови. Беше редизајнирана во 2002-рата кога доби и систем за автономно кочење. Секако, освои и пет ѕвездички во тогаш воведените EuroNCAP тестирања.

Дизајнот кој се темелеше на концептот F 200 Imagination претставен 1996 година го потпишаа Британецот Стив Матин и Италијанецот Бруно Сако. Во пакетот мотори беа бензинците  2.8 V6 со 204 KS, 3.2 V6 со 224 KS подоцна заменет со 3.7 V6 со 245 KS, 4.3 V8 со 279 KS, 5.0 V8 со 306 KS и 5.8 V12 со 367 KS заменет со 5.5 V12 битурбо со 500 KS, како и дизелите 3.2 R6 со 197 KS подоцна засилен на 204 KS и 4.0 V8 со 250 KS засилен на 260 KS. Оние на кои тоа не им беше доволно можеа да бираат меѓу врвните AMG верзии – 5.4 V8 со 360 KS кој со додавањето компресор беше засилен на 500 KS и 6.3 V12 со 444 KS кој беше заменет со 6.0 V12 битурбо со 612 KS. Најинтересен но не и најпродаван секако беше основниот дизелски модел 320 CDi – покрај одличните возни својства заради посилниот мотор и битно намалената тежина во однос на претходникот кои му донесоа размерно пониска потрошувачка, имаше и подобро подвозје и првокласна безбедност.

Последниот примерок од S-класата од серијата W220 со реден број 484.683 излезе од погоните на матичната фабрика во Зинделфинген во 2005 година, а освен во Германија се произведуваше и во Мексико и Индонезија. Интересно е што најдобро прифатен модел беше S 500 L со вкупна продажба од 108.823 единици (заедно со 4Matic изведбата 122.491 примерок), а следеа S 430 L со 75.328 продажби, S 320 со 47.349 и неговата продолжена верзија со 41.428 освоени купувачи. Впрочем, вкупно сите продолжени верзии учествуваа во продажбата со дури 65 отсто.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *