Tags: , ,

Погодок во центар

» Компактните кросовери веќе некое време се најпродаваните модели кај сите автомобилски компании. Производителите сфатија дека теренците не можат да растат во бесконечност станувајќи непотребно големи и се свртеа кон овој сегмент возила. Така настана и Toyota Corolla Cross која е токму тоа што со своето име го најавува – нешто е пократка од караванската Corolla но затоа е повисока со што има добиено на пространоста. Се чини дека Јапонците погодија во центар. Автомобилот е позициониран некаде меѓу C-HR и RAV4, од кој сепак го раздвојуваат цената и теренските способности, иако има и верзија со погон на сите тркала. Се произведува во девет фабрики ширум светот, а во Европа е во понуда со хибридни 1,8 или 2,0 литарски мотори.

Toyota Corolla Cross е поставена на истата платформа исто како и Corolla, CH-R и Prius, ама има модерен и автохтон дизајн. Во должина мери 4.460 mm, широка е 1.825 а висока 1.620 mm, додека меѓуоскиното растојание изнесува 2.640 mm. Дизајнерски е препознатлива и не може да се помеша со некој друг автомобил од гамата на јапонскиот производител. Робусноста ја истакнуваат маската и пластичните облоги на блатобраните, има заоблена хауба а светлата се големи и развлечени. Каросеријата обезбедува доста внатрешен простор. Задните врати се отвораат под голем агол, наслоните на седиштата имаат две подесувања на нагибот а под нив се сместени литиум-јонските батерии со што зафатнината на багажникот е зачувана на 436 литри. Во ентериерот се чувствуваат гените на Corolla, дополнети со модерен пакет технологии. Мултимедискиот систем е потполно нов и има подобра графика. Доста добро е осмислена и инструмент таблата која е целосно дигитална и прилагодлива на сопствените идеи. Безжичното полнење на телефон се подразбира, а 3-Д камерите со функција за зумирање работат одлично.

Corolla Cross има нов хибриден систем од петтата генерација со батерии кои се помоќни и за 40 проценти полесни. Помалиот 1,8 литарски агрегат кој не е на располагање во сите европски земји обезбедува системски 140 коњски сили,  а поголемиот со 197 од кои 40 кај верзијата со погон на сите четири тркала доаѓаат од вториот електромотор сместен назад. Со него од место до 100 km/h забрзува за 7,6 секунди, а максималната брзина е ограничена на 180 km/h. За стабилноста во свиоци придонесува одлично подесеното ослонување, а за уживањето во возењето е унапредено со адаптивниот темпомат. Заради пристојниот клиренс може да се справи со полесни терени, но off-road предизвиците можат да се заборават.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *