Да се знае кој е кој
» Toyota направи нешто што не се памети – претстави 15 концепти одеднаш. И тоа електрични, со што на најбезобразен начин ги демантираше сите што мислеа дека компанијата го има загубено компасот, сериозно каскајќи зад другите. На настанот најавен како брифинг за новинарите за идната стратегија за електрификацијата беше кажано дека е во план до 2030 година на пазарот да се воведат 30 електрични модели. Меѓу сега покажаните има од сé по нешто – од компакти преку кросовери до спортски автомобили. Некои од нив се темелат на постоечките модели, други пак се потполно нови и поставени на e-TNGA архитектурата. Такви се сите од bZ (beyond Zero) асортиманот – спортскиот компактен SUV-купе, кросоверот од Б-сегментот за Европа и Јапонија, лимузината од средна класа и големиот семеен SUV со три реда седишта. Од Lexus беа покажани моделот RZ кој е сериска верзија на LF-Z Electrified концептот, спортистот кој изгледа како наследник на LF-A, голем SUV и спортска лимузина која во презентацијата се појави и во облик на хечбек и 2+2 кабриолет со сличен стил.
Понатаму, Compact Cruiser е фокусиран на теренско возење, а беше покажан и пикап со двојна кабина со големина слична на Hilux и со дизајн на Tundra. Од двата кросовера помалиот изгледаше како електричен CH-R со доста динамичен стилски пристап, а поголемиот со својот суптилен изглед веројатно претставува влез во кросоверескиот Ц-сегмент. Интересен беше и спортистот со изглед на модел со централен мотор кој би можел да го претставува духовниот наследник на MR2. Сето ова беше заокружено со разно-разни возила – автономен минибус, компактно комби, градско автомобилче…
Од она што се слушна треба да се издвои дека до споменатата 2030-та продажбата на електрични модели треба да достигне 3,5 милиони примероци годишно, а од 2035-тата Lexus ќе стане целосно електрична марка со годишна продажба од милион возила. Сето ова ќе биде поддржано со инвестиции од 35 милијарди долари, а уште толку ќе има и за останатите електрифицирани возила – хибриди, плаг-ин хибриди и со погон на водород.