Tags: ,
Денешниот ден во ретровизор <br/>15 декември 2008 година

Првиот плаг-ин хибриден автомобил во светот

» Ако за Toyota Prius сите знаеме дека е првиот хибриден автомобил во светот, за кинескиот BYD F3DM ретко кој знае дека е првиот сериски произведуван плаг-ин хибрид. Беше претставен на салонот на автомобилите во Женева 2008-мата, а испораките започнаа на денешен ден при крајот на годината. Беше опремен со трицилиндричен еднолитарски мотор и два електромотора со заедничка моќност од 168 KS. Возилото го задвижуваше посилниот електромотор со своите 67 коњски сили, а помалиот електромотор со 34 коњи му помагаше кога треба или пак произведуваше струја при регенеративното кочење. Литиум-феро-фосфатните батерии од 16 kWh обезбедуваа електрична автономија од 100 километри (при константна брзина од 50 km/h), а кога нивото на наполнетост ќе спаднеше на 20 отсто се вклучуваше бензинскиот мотор кој произведуваше струја, но и ги испраќаше своите 67 коњски сили на тркалата при возење со поголеми брзини или пак посилни забрзувања. Имаше и соларни панели вградени во покривот кои ги напојуваа електричните потрошувачи во возилото – клима уредот, радиото и слично.

BYD F3DM на почетокот се испорачуваше само на кинеските државни органи. Обичните луѓе можеа да го купат почнувајќи од март 2010-тата, а во декември истата година беше покренат пилот проект за неговото лансирање во САД планирано за 2012-тата, но заради недостатокот на инфраструктура за полнење до тоа не дојде. Се произведуваше до 2013-тата. Вкупно во Кина беа испорачани 3.284 примероци, во САД беа испратени 10 возила а се знае и за десетина продадени во Шпанија по цена од 27.585 евра. Цената во Кина му изнесуваше 21.900 долари – два ипол пати повеќе од бензинската варијанта, а во САД таа беше поставена на 28.800 долари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *