Tags: ,
Seat историја (фото-галерија)

Способност за прилагодување

» Своето возбудливо патување низ историјата полно предизвици Seat го започна во 1950 година. Оттогаш до денес компанијата помина и сé уште поминува низ темелни трансформации покажувајќи врвна способност за прилагодување. Токму тоа ја направи она што денес е – иновативна компанија која создава 1% од бруто домашниот производ на Шпанија и извезува 80% од своите возила, компанија која како стабилен дел од Volkswagen концернот постојано расте и продолжува да нуди најдобри решенија за мобилноста за да им го направи животот на луѓето поедноставен.

Еволуцијата  на марката во текот на изминатите децении беше експоненцијална. Во 1953 година беше отворена првата фабрика со 925 вработени чиј дневен капацитет беше пет возила од моделот 1400. Наредните четири децении таа се развиваше и од неа излегоа повеќе легендарни модели како што се 600 и 127, за во 1993-тата производството да се пресели во новата, поголема и посовремена фабрика во Марторел. Оваа фабрика започна со работа со воведувањето на втората генерација на Ibiza и новата Cordoba, со капацитет за производство на 1.500 возила дневно. Компанијата во моментов има три производствени центри, а дел од нејзините модели се произведуваат и во погоните на Volkswagen во Германија и Škoda во Чешка. Со извоз се стартуваше 1965 година, најпрво во Колумбија. Seat денес вработува околу 15.000 луѓе и е водечки шпански индустриски извозник остварувајќи скоро 3% од севкупниот извоз на земјата. Возилата на Seat доспеваат на разни оддалечени одредишта како што се Нов Зеланд, Мексико и Француска Гвајана.

Во своето досегашно постоење овој производител има воведено преку 80 модели, вклучувајќи ги и различитите верзии и генерации. Некои од нив имаат оставено длабоки траги во историјата на Seat означувајќи пресвртница во неговото работење, почнувајќи од првиот произведен автомобил моделот 1400 од 1953 година, преку легендарниот 600 од 1957-мата и Ibiza од 1984-тата до Leon 1999-тата и Ateca од 2016 година со кој марката ја збогати својата понуда влегувајќи во SUV сегментот. Еволуцијата и осовременувањето на автомобилите беа постојани следбеници во текот на целото време, што резултираше и со создавањето на Cupra како посебна марка со која уште еднаш се докажува способноста на компанијата за прилагодување на современите текови. Креирана за освојување на срцата на заљубениците во автомобилите, нејзините возила со својот спортски карактер му овозможуваат на Seat пристап на нови пазарни територии и до нови купувачи кои се во потрага за нешто сосема посебно. За почеток се стартуваше со изразено спортски облагородени верзии на постоечките модели на Seat, за во 2020-тата да биде претставено првото возило наменски развиено за оваа марка, моделот Formentor. Но не се застана тука – Seat сега тежнее кон тоа да биде многу повеќе од производител на автомобили, нудејќи технологии на мобилноста за иднина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *