Си бил еднаш еден…
» Токму така, со ‘си бил еднаш еден’ започнуваат сите приказни во кои се раскажува за нешто што не се случило, ама сите сакаат да веруваат дека се случило. Таква е и приказната за концептот на робо-возилото EZ-Pro за кое Renault не смогна сили да го оствари своето ветување дека ќе донесе револуција во доставата. Беше преставено на салонот за комерцијални возила во Хановер во 2018-та и после тоа никој не слушна ни збор за него. Затоа ние ќе се обидеме да го освежиме сеќавањето онака како што Renault тогаш ни ги всади. Се работи за концепт на доставно возило со паметни роботизирани контејнери како интересно решение за достава во урбани средини. Електрично, секако, тоа беше визија за иднината со прилагодливи решенија за сите видови професионалци.
Во време кога е-трговијата бележи стреловит пораст, токму доставата е најголема потенцијална препрека. Купувачите сакаат брза испорака, продавачите треба да ги намалат трошоците за достава, а градовите да се справат со сé погустиот промет. Renault, како што кажа тогаш, е производител на лесни комерцијални возила веќе 120 години и како водечки во овој сектор во Европа е во најдобра позиција да ги забрза промените во начинот на достава на стока. За таа цел е замислен EZ-Pro кој се состои од водечки контејнер и роботизирани контејнери без возач зад него. При креирањето на овој концепт Французите се воделе од тоа дека доставата нема да биде целосно автономна и дека луѓето и во догледна иднина и понатаму ќе бидат потребни за достава, односно генерално за превоз на стока. Затоа и во водечкиот контејнер има место за оператор кој ја надгледува доставата на стоката. Заради автономните можности на возилото тој би бил ослободен од одговорноста да вози и ќе може да се посвети на другите задачи – планирањето на распоредот и обезбедување ефикасна и брза услуга, издвојувајќи ги приоритетните пратки како што е достава на намирници или кршливи предмети.
Тој ќе има резервирано место за себе во предниот дел на првиот контејнер и можност ако треба да управува – со помош на џојстик и четири управливи тркала за полесно маневрирање. Робо-контејнерите зад него ќе се движат во конвој или независно еден од друг, кога како треба. Тоа значи дека EZ-Pro ќе има можност за посебна прилагодливост за исполнување на најразличните потреби на клиентите, без разлика за каков бизнис станува збор. Конвојот контејнери ќе тргнува од логистички центар носејќи со себе различи видови стока. Секој контејнер би бил наменет за различен клиент, би имал различна архитектура и би бил оставен на различно место. Со такво збирно решение значително ќе се зголеми продуктивноста и ќе се намалат трошоците. Оние за кои се наменети контејнерите ќе можат да бираат време и место каде да им бидат доставени, а ако се работи за достава на пратки ќе можат да се одлучат дали да ги преземат лично или кога можат од контејнерот кој би бил оставен на соодветно место. Во тој случај пратките кои би им биле достапни 24 часа дневно, 7 дена во неделата, ќе можат да ги преземат со помош на апликација на мобилен телефон. Клиентите би можеле да ги следат своите пратки во реално време, но и да остават пратки кои ќе сакаат да бидат испорачани. Самиот дизајн на EZ-Pro е општо позитивен и ненаметлив во своето влијание на животот во градовите и може да биде во склад со архитектурата на квартот каде ќе биде лоциран.
Според истражувањата на Renault, доставата на пратки опфаќа дури 30 отсто од прометот во градовите. EZ-Pro може да го намали тоа оптоварување благодарејќи на можностите што ги има. Со тоа ќе придонесе за намалување на бројот на возила за време на најголемите гужви со што ќе се намали зачестеноста на застоите заради лошите возачки навики или набрзина паркираните доставни возила. Проточноста на сообраќајот посебно ќе се зголеми со поврзувањето на ваквите робо-возила со градската инфраструктура – семафорите, затворените паркинзи и слично.
Звучи интересно, нели?!