Кога автомобилите можеа да бидат и жилави…
» Од денешен аспект кога на возилата сé се гледа низ призмата на ефикасноста и екологијата, набилданите верзии на големосериските модели изгледаат како научна фантастика. Но тие беа реалност. Renault низ историјата има повеќе такви жилави автомобили. Меѓу нив е и култниот Clio V6, еден од највпечатливите и најценети модели кои било кога ги има исфрлено специјализираната Sport дивизија на францускиот производител. Тој дури и во денешните времиња ги воодушевува автомобилските ентузијасти со својата насоченост према бескомпромисните перформанси добиени со екстремните промени кои ги изведе британскиот TWR.
Концептот откриен на салонот на автомобилите во Париз 1998 година покажа дека Clio V6 има повеќе заедничко со суперавтомобилите отколку со стандардниот модел. Кога беше лансиран две години подоцна, тој беше единствен хечбек во светот со централно поставен мотор. Имаше 2,9 литри, броеше 230 KS, возеше на 17-инчни тркала, забрзуваше до 100 km/h за 6,4 секунди и постигнуваше 235 km/h. Суровиот темперамент го изразуваше и преку изгледот и звукот, воодушевувајќи ги сите каде и да се појавеше. Првата серија Phase 1 се произведуваше во Шведска во погоните на TWR и од неа беа направени 1.513 примероци. Во 2003-тата следеше втората серија Phase 2 од која од фабриката на Alpine во Диеп беа до 2005-тата беа направени 1.309 примероци. Неговиот унапреден V6 агрегат испалуваше 255 коњи кои гарантираа забрзуваше до 100 km/h за 5,8 секунди и максимални 245 km/h.