Tags: ,
Lexus LFA (2010-2012)

Култен јапонски суперавтомобил како никој друг

» Јапонските компании низ историјата имаат лансирано неколку култни суперавтомобили, но ниту еден не е како Lexus LFA. Со него марката покажа нов аспект како посветен и визионерски производител на високоперформансни автомобили од светска класа. Со овој модел Lexus буквално го затресе тлото под нозете на светот на суперавтомобилите. Целокупната ексклузивност ја гарантираше и неговото производство од почеток ограничено на само 500 примероци. LFA остави наследство кое влијаеше на секој автомобил кој Lexus од тогаш го направи. Предводеше нови погонски склопови и технологии на материјалите и покажа пристап кон конструирањето и дизајнот кои станаа квалитети што ја дефинираат марката.

Дека Lexus нешто готви во доменот на суперавтомобилите јавноста беше запознаена со откривањето на студијата на салонот во Детроит 2005-тата. Две години после тоа следеше  концептот, а финалното возило беше покажано во 2009-тата во Токио. Производството кое се одвиваше рачно од страна на посебен тим избран за тоа започна при крајот на 2010 година, а првите примероци на нивните сопственици им беа испорачани напролет 2011 година, по цена од 375.000 долари. Неговото срце беше сосема новиот 4,8 литарски атмосферски V10 мотор направен во соработка со Yamaha. Иако беше помал и имаше помалку цилиндри од некои сопернички модели, неговите перформанси беа исклучителни. Поставен напред, преку автоматизиран секвенцијален менувач со шест степени на пренос сместен на самата оска тој на задните тркала им испорачуваше 560 KS при 8.700 вртежи во минута. Можеше автомобилот од место до 100 km/h да го задвижи за само 3,7 секунди и да постигне максимална брзина од 325 km/h. За ваквите перформанси беше битно и намалувањето на тежината, што се постигна со употреба на CFRP пластика засилена со јагленородни влакна за каросеријата. И сопирачките мораа да бидат еднакво ефикасни како и погонската група, заради што употребата на керамички дискови беше логичен избор. Квалитетот на сето тоа беше потврден на Нирбургринг, каде LFA постави рекорд за сериски автомобил.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *