Првиот семеен миниван
» Моноволуменски возила ги нарекуваме оние чија концепција е еднопросторна, односно нема посебни метални прегради меѓу просторот за мотор и кабината, како и кабината и задниот дел, багажникот, со што се подобрува искористливоста на просторот. Бидејќи се повисоки од обичните автомобили, на иста должина и широчина нудат значително поголем комфор. Иако историски гледано не е прв, за основополжник на категоријата моноволуменски возила се смета серијата минивани на Chrysler лансирана како Plymouth Voyager односно Dodge Caravan. Се појавија во 1983 година, неколку месеци пред Renault Espace.
Проектот на едноволуменскиот автомобил како идеја го има започнато славниот Ли Ајакока уште во 1974 година додека работеше за Ford. Тој го осмисли како семеен комби кој треба да исполнува три услови – да биде голем и простран како доставните возила но сé уште доволно мал за да го собере во нормална гаража (оттаму и називот миниван), подницата да му е доволно ниска за жена со здолниште да може нормално да влезе и третиот услов, од безбедносни и психолошки причини, да има нос. Истражувањето на пазарот во кое беа вложени сто илјади тогашни долари покажа дека само во САД би можеле да се продадат 800.000 возила. Но Хенри Форд II, внукот на славниот основач на компанијата, не беше импресиониран и искоментира: „Заборавете. Не сакам да експериментирам“.
Девет години подоцна Ајакока ја реализираше својата замисла во Chrysler. Моделот беше долг 4,47 метри, широк 1,77 и висок 1,63 метри. Имаше современа концепција со попречно вграден мотор и погон на предните тркала, а се задвижуваше со 2,2 литарски со 96 или 2,6 литарски мотор со 104 коњски сили, со петстепен мануелен или тристепен автоматски менувач. Подоцна беа лансирани и Grand верзиите долги 4,84 метри, а во Европа пристигна 1988-мата како Chrysler Voyager.