Најпознатиот Kadett во светот
» Третата генерација на Opel Kadett се појави во продажба во 1973 година. Беше замислен како пристапен мал семеен автомобил чија основна верзија чинеше тогашни 9.970 марки. Оваа линија која е последниот Kadett кој имаше погон на задните тркала се произведуваше во Германија и Белгија до 1979 година, а низ светот, под различни имиња, уште цела деценија повеќе. Opel ги има произведено точно 1.701 076 примероци, од кои дури 82% со 1,2 литарски мотор. Од вкупното производство 52 отсто беше извезено. Освен како лимузина со две и четири врати се произведуваше и во караван и купе верзии со три врати, а подоцна и како хечбек наречен Kadett City кој беше одговор на Volkswagen Golf. Интересно е што на почетокот Kadett C имаше барабан сопирачки на сите тркала, кои во 1975 година напред се заменети со дискови. Се менуваше и моторната понуда која се растегна меѓу 40-коњскиот 1,0 литарски мотор и моќниот дволитарски агрегат со 115 KS за ексклузивната GT/E верзија.
Освен како Opel Kadett, овој модел кој беше вистински светски автомобил на General Motors се произведуваше уште во Велика Британија, Бразил, Аргентина, Еквадор, Уругвај, Јапонија и Јужна Кореја и продаваше како Vauxhall Chevette, Opel Chevette, Chevrolet Chevette, Chevrolet Marajo, Opel K-180, GMC Chevette, Grumett 250M, Aymesa Condor, Isuzu Gemini, Isuzu I-Mark, Buick Opel, Pontiac Acadian/T1000, Holden Gemini, Saehan Gemini/Bird/Maepsy и Daewoo Maepsy/Maepsy-Na.