Tags: , , ,
Zastava 750 (1955-1985) – видео, фото галерија

Првиот Фиќо беше произведен на 18 октомври 1955 година

» Без дискусија, најпопуларниот и најславен автомобил на сите времиња на нашите патишта е Фиќо, настанат како лиценцен производ на Fiat 600. Претставен на салонот во Женева во март 1955 година, тој беше интересен и доста напреден мал автомобил кој се појави во вистинскиот момент, кога после втората светска војна разурнатата Европа на својот пат кон моторизацијата се префрлаше од мотоциклите на автомобили. Во Југославија Zastava бараше автомобил кој ќе ја моторизира нацијата. Во тоа време веќе беше воспоставена соработката со Fiat, кој само после неколку месеци по започнувањето на производството во Италија започна да испраќа делови од кои во Крагуевац се монтираа возилата. Првиот автомобил од фабричките хали излезе на 18 октомври 1955 година, со што стартуваше една нова цивилизациска ера во животите на луѓето на овие простори.

Возилото имаше четирицилиндричен водено ладен мотор со алуминиумска глава од 633 cm³ сместен зад задната оска заедно со четиристепениот менувач и диференцијалот. Тој испорачуваше максимални 21,5 коњски сили, кои го дотеруваа до 95 километри на час, до кои можеше да стигне за 54 секунди. Заради модерното ослонување напред со попречно поставена лисната пружина која служеше и како стабилизатор и независно назад со осцилациона оска и тежината распоредена во сооднос 45 отсто напред и 55 назад, имаше одлични својства на неуредени патишта – на снег и кал поминуваше таму каде од другите возила само теренските можеа. Имаше самоносечка каросерија со должина од 3,22, широчина од 1,38 и меѓуоскино растојание од точно два метра, полукружно можеше да сврти на улица широка 8,7 метри а тежеше 560 килограми. Вратите кои му се отвораа во контра насока го олеснуваа влегувањето во кабината, во која имаше место за четири лица и нивниот багаж за кој имаше 200 литри простор на располагање – 130 зад задните седишта а 70 во предниот дел од возилото, покрај  резервоарот од 27 литри. Првата серија возила со ознака Zastava 600 е препознатлива по лизгачките странични стакла, мигавците на врвот на предните крила и помалите светлосни групи назад.

Почетоците беа скромни и првата година со помош на италијанските стручњаци кои ги обучуваа нашите работници беа составени 25 возила, а наредната 1956-та 33. Како течеа годините така Фиќо се усовршуваше, а производството и процентот локално произведени делови растеше. Така во 1957 година кога беше претставена втората серија со нормални прозорци во вратите и мотор со нов карбуратор засилен на 22 коњски сили, во Фиќо веќе имаше 16 отсто домашни делови. Две години подоцна пристигна третата серија со 24,5 коњски сили и максимална брзина од 100 km/h, мигавци сместени под предните светла и поголеми задни светла. Во 1960 година беше претставен Fiat 600D. Тој имаше мотор со работна зафатнина од 767 кубни сантиметри и 29 KS, постигнуваше максимални 110 km/h, а процентот домашни делови доближуваше до половина.

Во тоа време со пари од Fiat започна изградба на нова фабрика со капацитет од дури 82.000 возила годишно. Што значеше оваа бројка најдобро зборува тоа дека во Југославија во 1950 година имало околу 6 илјади автомобили, во 1955-тата 13 илјади а во ’58-тата кога во Zastava се произведени 1.686 возила, нешто повеќе од 28 илјади. Новата фабрика беше отворена во 1962 година кога беа произведени 10.561 возила, бројка која за две години нарасна на 25.960 а до 1967-мата на 34.466 возила. Секако, и Фиќо се унапредуваше. Најголемото обновување се случи во 1964 година кога доби нормални предни врати, а веќе наредната резервоар од 31 литар и поголеми светла, добивајќи го изгледот каков што ќе го познаваме до крајот на неговото производство. Тогаш Фиќо комплетно доаѓаше од домашни делови и под името Zastava 750 и со 25-те коњски сили тргна по свој пат различен од италијанскиот одел, кој го однесе и до Грција – таа година таму беа извезени 5.658 примероци.

Производството на Fiat 600 во Италија заврши во 1969 година, но продолжи во Шпанија и Југославија. Следеа бројни измени, меѓу кои најзначајна е додавањето на 750 S верзијата во 1976 година која имаше 30 KS и постигнуваше почитувачки 120 km/h. Уште побрза со 125 km/h беше Zastava 850 од 1980-тата која од 847 кубни сантиметри развиваше 32 KS и со поинаков диференцијал забрзуваше до 100 km/h за 25 секунди. До 18 ноември 1985 година крагуевачката Crvena Zastava произведе 923.487 примероци од Фиќо, од кои 36.529 беа извезени во 15-тина земји, меѓу кои и Финска, Данска, Холандија, Белгија, Турција, Либија… Интересен податок е дека од 1977 до 1984  година од делови произведени во Југославија Фиќо се монтираше во Колумбија, каде се продаваше како Fiat 750Z.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *