Се запиша со златни букви во историјата на марката
» До пред неколку децении светот на тркала беше стриктно поделен. На една страна беа автомобилите, добри за на пат никакви надвор од него, а од друга теренците со груба механика, цврсти и издржливи, нималку удобни за возење. Тогаш, пред уште термините SUV или кросовер да започнат да се користат, всушност пред воопшто барем во Европа да се појават возила кои можеа така да се наречат, General Motors ги препозна трендовите и со помош на своите глобални конекции ги обезбеди Opel и Vauxhall со, цитираме: „рекреациско возило со погон на сите тркала“. Наречено Frontera што на шпански значи граница, имаше премиера на салонот во Женева 1991 година.
Веќе тогаш Frontera комбинираше оптимални теренски способности со добро однесување на асфалт. Ниту дизајнерски не беше одбојна, и покрај својата масивна појава. Со Frontera се формира пазарен сегмент за 4×4 возила и се предизвика интересот на купувачите за нив. Започна да добива награди, а веќе во 1993 година оставајќи ја зад себе тврдокорната конкуренција се искачи на врвот и беше најпродаван теренски автомобил во Европа. Со своето брзо напредување од новодојденец во трендсетер и бестселер, Frontera се запиша во историјата на марката.
Frontera беше развиена од тим меѓународни инженери посебно за европскиот пазар, со динамичен изглед, удобност на патничките автомобили и добри возни својства на сите терени како примарни цели. Основа беше тогаш новиот модел на Isuzu наречен MU, како кратенка од Mysterious Utility. Јапонската компанија која веќе беше започнала да се специјализира за теренски и комерцијални возила имаше соработка со британскиот производител на доставни возила Bedford во чија заедничка фабрика во Лутон се произведуваше Frontera.
Новиот модел беше лансиран во две верзии. Пократката со суфикс Sport и со три врати и тврд или платнен покрив ја задвижуваше познатиот 2,0 литарски бензински мотор на Opel со 115 KS. Frontera со пет врати и подолго меѓуоскино растојание беше достапна со 2,3 литарскиот бензински мотор со 125 KS од Omega и 2,3 литарски турбодизел со 100 KS кој водеше потекло од комби возилата на Bedford. Менувачот беше мануелен со пет степени а погонот со преклопник за избор дали силата ќе оди само на задните или на сите четири тркала. Каросеријата беше поставена на цврста шасија со помош на посебни гумени носачи – 10 за тривратната и 12 за петвратната верзија за изолација од бучавата и вибрациите, а шесте попречни носачи на рамката обезбедуваа торзиона крутост при возење на терен.
Во 1995 година Frontera доби фејслифтинг и унапредена механика со спирални пружини на задната оска. Кај поголемиот модел бензинецот беше заменет со 2,2 литарски со 136 KS а дизелот со 2,8 литарски со директно вбризгување и 113 KS по потекло од Isuzu, со кој беше достапна и кратката Sport верзија. Но тој издржа само една година во понудата и од наредната 1996-та Frontera и во двете верзии се нудеше со италијански 2,5 литарски дизел со индиректно вбризгување и 115 KS од VM Motori, кој тогаш се вградуваше и во Range Rover, Jeep Cherokee и бројни други модели од повеќе различни марки.
Во 1998 година се појави втората генерација на Frontera која донесе поголема безбедност и повеќе удобност, а подобрената изолација ја намали бучавата во кабината. Освен освежениот и поелегантен изглед со повеќе заоблени линии, најголема новост беше 2,2 литарскиот дизел сега повторно со директно вбризгување и 115 KS, a на 2,2 литарскиот бензинец кај подолгата верзија му се придружи и 205-коњски 3,2 V6 од Isuzu. Новиот модел имаше подобрено лежење на патот, а префрлањето меѓу погонот на задните и сите четири тркала сега можеше да се стори и во возење, без запирање на возилото. Frontera се произведуваше до 2004-тата, а за нејзин индиректен наследник се смета Antara, која се појави две години подоцна.