Tags: ,
Antarctic Snow Cruiser (3*видеа, фото галерија)

Снежниот крстосувач на Американците

» Antarctic Snow Cruiser e направен во 1939 година и како што неговото име кажува намената му била да крстосува по Антарктикот носејќи ги во себе храбрите истражувачи на јужната поларна капа на планетава. За жал таму и остана загубено некаде под снежните наноси, а и историјата скоро целосно го заборави, заедно со визионерството и тригодишните напори на инженерите и научниците од технолошкиот институт во Чикаго кои го проектираа, развија и направија за вкупно 150.000 долари. Колку за да имаме некаква претстава колку пари се тоа, најевтиниот автомобил на Ford тоа време чинеше 850 долари, а ако се пресмета инфлацијата, тоа би било еквивалент  на денешни 3,3 милиони долари…

Замислено нешто како вкрстено возило меѓу автобус и тенк, снежниот крстосувач беше долг 17 метри, широк 6 и висок 4,9 метри. Иако товарен тежеше повеќе од 34 тони, имаше максимална брзина од 30 милји на час (48 km/h). Можеше да носи петмина патници, 9,5 тони специјално дизел гориво за себе и уште 3,8 тони гориво за авионот на кровот. Автономијата му изнесуваше неверојатни 8.000 километри, а фасцинантен е фактот што на екипата што го правеше и требаа само 11 недели. Дури и од денешна гледна точка ова возило имаше футуристичка погонска група, која сега ја нарекуваме хибридна. Имено, двата 150-коњски Cummins дизел мотора служеа за погон само на генераторите кои ја произведуваа струјата за четирите електромотори од по 56 kW, сместени по еден во секое тркало. А тие пак можеа да се вовлечат во каросеријата, каде се загреваа од издувните гасови како превенција за оштетувањето на гумите од ниските температури. Можноста за вовлекување и развлекувањето на тркалата беше замислена да се користи и за негово поминување преку пукнатини на мразот широки и до 4,6 метри, додуша со комплицирана процедура од 20 чекори.

Судбината на Antarctic Snow Cruiser сакаше тој уште на првото свое патување долго 1.640 километри од Чикаго (каде беше направен) до пристаништето во Бостон (каде требаше да биде натоварен на бродот наречен – која иронија – North Star, што ќе го однесе на својата мисија за истражување на јужниот пол) да доживее сообраќајна несреќа заради откажување на системот за управување и да излета од патот, што беше добар сигнал за лошата среќа што ќе го следи цело време. Но интересно е тоа што за тие три дена колку што требаа да биде поправен за да го продолжи својот пат, на самото место на несреќата дојдоа дури 125.000 луѓе да го видат, на огромно задоволство на локалните продавачи на хот-дог. Во Бостон, пак, заглави во сообраќаен метеж долг 30-тина километри во кој беа инволвирани 70.000 возила, од кои повеќето се најдоа таму за да го видат. Баксузот на The Antarctic Snow Cruiser продолжи и по пристигнувањето на Антарктикот – едвај беше растоварен од бродот при што беше благо оштетен.

А кога пак еднаш веќе се најде на мразот, се покажаа сите негови недостатоци што конструкторите не ги предвиделе – тоа со своите сериозно слаби мотори и масивните но мазни гуми високи три метри наменети за мочурлив терен едноставно тонеше и до метар длабоко во снегот. Обидот на екипажот да му ја зголеми подвижноста со монтирање синџири за снег на задните тркала и на резервните гуми на предната оска за да се зголеми површината на газење а со тоа намали пропаѓањето во снегот, остана само тоа – обид. Подоцна тие случајно ќе откријат дека Antarctic Snow Cruiser полесно се движи наназад, но најдолгото растојание што го поминаа беше само околу 150 километри. Така, наместо да ги носи истражувачите низ длабочините на Јужниот Континент, снежниот крстосувач беше пренаменет во нивни стационарен штаб што за нив и не беше така фрустрирачки бидејќи течноста за ладење на моторот циркулираше низ кабината загревајќи ја до тој степен да им требало само едно ќебе за спиење и кога надвор било минус 50 степени целзиусови. Плус на сите маки, започна втората светска војна и проектот беше прекинат.

Денес после повеќе од 75 години светот сé уште не знае каде е Antarctic Snow Cruiser – дали остана закопан под длабокиот мраз или пак е потонат некаде на дното на океанот, а се слушнаа гласини и дека Русите го собрале и однеле на непозната локација. Во 1946 и 1958 година две експедиции успеаја да лоцираат под дебелите наноси на снег каде е, но после тоа му се губи секаква трага. Сите напори да се најде некаков знак од него останаа безуспешни, најмногу заради тоа што антарктичкиот мраз постојано е во движење, носејќи го The Antarctic Snow Cruiser некаде длабоко во своите пазуви.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *