Го наследи легендарниот Kadett и стана најпродаван модел на Opel
» Годината 1991-та кога Opel Astra F ја доживеа светската премиера беше време на големи промени. Железната завеса која ја делеше Европа се подигна а заради еколошките инциденти луѓето станаа свесни за влијанието на човештвото врз околината. Производителите на автомобили мораа да ја урамнотежат понудата со потребите. Седмата генерација на компактниот модел на Opel целосно го отелотвори тој дух на промените. Се појави и со друго име – Astra, кое Vauxhall веќе го користеше за своите верзии на Kadett. Во споредба со неговата последна генерација понуди значително повеќе внатрешен простор со слични надворешни габарити. Големиот акцент на еколошката ориентираност се огледуваше и со високото ниво на материјали кои можат да се рециклираат. Купувачите беа силно импресионирани со тие својства и Opel произведе 4,13 милиони примероци со кои Astra F и денес ја носи титулата за најпродаван модел на марката.
За тој успех значајно е и што палетата го задоволуваше секој вкус. На почетокот купувачите можеа да бираат меѓу шест бензински и еден дизел мотор и хечбек и караван каросериски изведби. Спортски ориентираниот GSi со својот 2,0 литарски мотор со 150 KS претставуваше врв на понудата. Седан верзијата пристигна пролетта 1992-ра, а година дена подоцна и кабриолетот кој го произведуваше Bertone. Високите безбедносни стандарди означуваа голем чекор напред во класата. Пакетот меѓу другото се состоеше од двојни челични шипки во вратите за заштита од бочни удари, потпорни рампи на седиштата и затегнувачи на предните сигурносни појаси кои го намалуваа поместувањето на телото на патниците напред во случај на тешки фронтални судари. Безбедноста уште се зголеми во 1994 година кога стандарден дел од опремата станаа воздушните перници за возачот и совозачот. Поголемиот внатрешен простор во споредба со Kadett E инженерите на Opel меѓу другото го добија и со поставување на ветробранското стакло за 74 милиметри понапред и со зголемување на просторот за главите и колената до 50 mm. Новата каросерија имаше и висока аеродинамичност со коефициент на отпор на воздухот од 0,30.
Astra F послужи и како иновациска платформа за алтернативни погонски системи. Електричната Astra Impuls III ја демонстрираше својата ефикасност за време на опсежните испитувања на балтичкиот остров Риген – десетте прототипи меѓу 1993 и 1997 година помина вкупно 350.000 километри. Пет имаа никел-кадмиум батерии со капацитет од 45 kW, а другите пет натриум-никел-хлорид со 42 kW. Astra Impuls III имаше најголема брзина од 120 km/h и автономија од 160 km. Opel своето истражување на алтернативните горива во 1996-тата го прошири и со ограничена серија на Astra Caravan која работеше на компримиран природен гас. Неколку комунални претпријатија, локални власти и слични институции тестираа 500 примероци во секојдневни услови.
Astra F имаше и значаен меѓународен успех. Освен во Германија се произведуваше уште во Белгија, Велика Британија, Унгарија, Јужна Африка, Индија, Индонезија, Тајланд и Тајван, а после појавувањето на Astra G во 1998 година, со ознаката Astra Classic и во Полска сé до 2002-рата. Во Велика Британија се продаваше под амблемот на Vauxhall, во Австралија и Нов Зеланд како Holden а во Бразил Chevrolet. Во Индонезија се викаше Opel Optima, а во Јужна Африка хечбек верзијата Opel Kadett додека седанот и караванот го носеа името Astra.