Во знакот на бројот 50
» 50 години, 50 примероци, 50 милиони – минатата година Nissan славеше 50 години од појавувањето на GT-R, додека Italdesign го имаше својот 50-годишен јубилеј година дена порано. Во чест на двата јубилеја италијанската дизајнерска куќа се нафати да изработи 50 персонализирани примероци од јапонскиот спортист, со јубилејна ознака GT-R50. За секој од нив купувачите ќе платат по милион, или поточно по 990.000 евра.
Nissan GT-R отсекогаш бил ненаметлив автомобил. Изгледот ниту од далеку не наговестува тоа што се крие под класичните облици на едно купе. Сé уште се живи сеќавањата од пред десетина и нешто години кога се појави и кога во директно соочување на опсежните тестови зад себе ги оставаше конкурентските суперспортисти, рангирајќи се веднаш зад Ferrari 458 Italia и Lamborghini Gallardo. Оттогаш натаму инженерите на јапонскиот производител постојано ја усовршуваа механиката, но визуелниот впечаток остануваше во сенка на перфектната технологија.
Сега се најде добар повод да се смени и тоа, па пред две години се воспостави соработка помеѓу италијанските перфекционисти за визуелизација од Italdesign и јапонските сспецијалисти за спорт од Nissan од нивната тркачка дивизија NISMO. Како тоа функционираше се гледа од приложените фотографии и видеото направени на патеката Тацио Нуволари каде се извршија завршните динамички подесувања. Механички се потпира на NISMO верзијата која има рачно изработен 3,8 литарски V6 со двојно турбо, навиен на 720 KS. Претставувањето кое требаше да се случи на годинешниот откажан салон во Женева и развојот стопиран поради пандемијата, сепак не го одложи производството и испораките ќе се вршат според планираното – на крајот на оваа и почетокот на идната година.