Tags: , ,
MGB (1962-1980) – видео

Кога автомобилите имаа душа

» Низ целиот 20-ти век британска авто-индустрија константно зрачеше со својата индивидуалност, без оглед дали се работи за екстравагантни и луксузни лимузини или пак за автомобили за широките народни маси. Во такво опкружување се развија и специфични и интересни класи возила кои имаа поголем или помал успех низ светот. Најпознатата ендемска класа автомобили која е родена на Островот сигурно се родстерите. Овие мали, отворени спортски двоседи со не претерано висока цена, квалитетни возни својства, спартанска внатрешност и неодолив шарм  станаа заштитен знак на британската авто-индустрија.

Меѓу мноштвото производители кои ги правеа посебно се истакнува MG, кој е заслужен за нивна популаризација ширум светот. MG како марка постоеше од дваесеттите години, но заради конкуренцијата на многу слични фабрики не беше пошироко афирмирана. После втората светска војна ова име стана многу попознато токму заради поврзаноста со производството на малите кабриолети. Имено, сојузничките, пред сé американските војници кои беа стационирани во Велика Британија беа одушевени од нивните мали отворени спортски модели со заеднички назив Midget и после демобилизацијата голем број од нив си ги однесоа своите автомобили дома, така што кога во 1955 година беше претставен MGA, пазарот од обете страни на Атлантикот беше добро запознат со оваа марка.

Но иако имаше одлична продажба, MGA технички беше застарен и развојот на неговиот наследник започна уште во 1958 година. Тој всушност требаше да биде првиот потполно нов MG после долг низ години заради што инженерите се потрудија да му обезбедат модерна концепција и место дотогаш користената шасија тие се одлучија за самоносечка каросерија со триделна бокс конструкција. Тоа му обезбеди исклучително висока цврстина која кај родстерите никогаш не беше силна страна, како и поголем простор за патниците иако беше пократок од MGA. Платнениот покрив се склопуваше зад седиштата, а за погон беше искористен веќе познатиот четирицилиндричен мотор од 1,8 литри кој развиваше солидни 95 KS кои се пренесуваа на задните тркала преку мануелен менувач со четири степени на пренос. Каросеријата недвосмислено укажуваше на потеклото на автомобилот, а големата количина хром, жичените тркала и дизајнерските облини карактеристични за скоро сите британски спортски автомобили од тоа време создадоа складна целина.

Новиот модел со ознака MGB беше претставен есента 1962 година и веднаш наиде на одличен прием како на домашниот пазар, така и низ Европа и во Америка. Три години подоцна беше претставена неговата затворена купе-караванска изведба со три врати и додавката GT во ознаката. Во 1969 година беше лансирана неговата MGC изведба со трилитарски шестцилиндричен мотор, која не остана долго во понуда. Вистинското изненадување следеше во 1973 година кога MG, тогаш веќе дел од British Leyland корпорацијата, во него го вгради големиот 3,5 литарски V8 агрегат од Range Rover. Тој се покажа како одлично решение бидејќи заради алуминиумот беше полесен од четирицилиндричниот мотор, а имаше голем вртежен момент, мирна работа и сосема доволно сила. Иако беше достапен само како купе, продажбата моментално рипна а купувачите беа исклучително задоволни. Затоа и навистина е чудно, дури и нејасно зошто овој модел никогаш не беше развиен со управувач на левата страна за продажба во континентална Европа и посебно во САД, каде сигурно ќе имаше голема публика. Во 1976-тата, само три години по лансирањето, следеше уште една неразбирлива одлука овој модел, иако се продаваше сосема солидно, да престане да се произведува. Компанијата се правдаше со недостатокот на мотори и нафтената криза, која тогаш веќе беше помината иако нејзините последици се чувствуваа. Во секој случај крајот се ближеше и MGB полека попушташе со продажбата. Последните примероци беа произведени во 1980 година, а набргу после тоа и MG згасна како посебна марка.

Сé на сé, може да се каже дека MGB е еден од есенцијалните британски автомобили со доста моќен имиџ. Вкупниот број произведени примероци изнесува 523.836, плус уште 1.983 од реинкарнираната MG RV8 верзија која Rover ја произведуваше од 1992 до 1995 година. Затоа и до ден-денес е нејасно зошто British Leyland свесно го гушеше овој модел, што на крај доведе до пропаст на марката.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *