Tags: , , ,
VW ја прошири американската SUV понуда (видео)

Поглед надолу

» Европјаните ги имаат T-Cross и T-Roc, а Американците не. Тие го немаат ни Touareg, кој пред три години беше заменет со поголемиот Atlas, на кој годинава му се придружи Cross Sport купе изведбата. Единствен заеднички SUV модел на Volkswagen и за Европа и за САД е Tiguan. Така и ќе остане, бидејќи новиот Taos е наменет само за Америка.

Поставен на MQB платформа, овој компактен модел ќе се произведува во фабриката во Пуебла во Мексико. Димензиски е идентичен како кратката верзија на Tiguan која не се продава таму бидејќи во Америка е достапна само неговата изведба со долго меѓуоскино растојание, која заедно со Jetta, седмата генерација на Golf и неговата караванска изведба исто така се произведува во Мексико. Единствена моторна опција е 1,5 литарскиот четирицилиндричен турбо бензинец со 160 KS и 250 Nm, кои ќе се пренесуваат на предните или сите четири тркала преку осумстепен автоматски или седумстепен менувач со двојна спојка. Има пет седишта и широкоград багажник од 796 литри, кој со соборување на задната клупа нараснува на 1.877 литри.

Внатрешноста е минималистички модерна со чисти линии и задолжителната доза конзерватизам. Дел од стандардната опрема е дигиталната инструмент табла, додека кај поскапите верзии меѓу другото ќе се добиваат и 8-инчен инфо-забавен систем, безжично полнење на телефон и амбиентално осветлување во десет бои. Тука се и адаптивниот темпомат со тргни-застани можности, системите за автономно кочење, надгледување на мртвите агли, одржување на возилото во коловозната лента и друго, а како опција ќе се нуди и управувач со греење, двозонски клима уред, предни загревани и вентилирани седишта, кожен ентериер…

Продажбата ќе му започне идното лето, а цените не се соопштени. Tiguan во САД чини 24.945 илјади, а Atlas 31.545 долари. Најголеми конкуренти на Taos ќе бидат Kia Seltos и Chevrolet Trailblazer, чии цени изнесуваат 21.990 односно 19.000 долари. Овие два модела се меѓу најбрзо продаваните возила во САД.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *