Нова варијација на истата тема
» Ќе бевме посреќни Mini да понудеше некакви технички детали за Aceman освен димензиите, но сепак дизајнот е идејата која ја води приказната. А таа ќе се движи во нова насока наречена харизматична едноставност, која во многу нешта носи свежина меѓу сите варијации на истата тема лансирана со релансирањето на марката под германската диригентска палка. Затоа и обликот на возилото е суштински едноставен – двоволуменски, долг 4,05 и широк 1,99 метри. Огромните 20-инчни тркала се поставени во ќошињата, што е придобивка на електрификацијата. Од истата причина Aceman нема маска, место која е поставена ЛЕД рамка чиј горен внатрешен дел е ЛЕД панел.
Едноставноста и минимализмот се пренесени и во внатрешноста, во која по углед на оригиналниот Mini централно е поставен еден тркалезен инструмент кој покажува сé. Се разбира дигитален и истовремено е и екран на инфо-забавниот систем, додека под него се низа копчиња за полесно ракување. Остатокот од дизајнот на ентериерот е премногу раскалашан за да преживее до серискиот модел, кој е најавен за пополнување на јазот во понудата под Countryman.