Tags: ,
Хибридни возила (3*видео)

Историјата на автомобилите со хибриден погон

» Поимот хибрид кај автомобилите по дефиниција означува возило кое користи два (или повеќе) различни типа на мотори за задвижување и вообичаено го поврзуваме со возила со бензински (поретко дизел) мотор и електромотор. Најголема заслуга за популаризацијата на хибридните возила има Toyota, но многу послабо познато е дека Prius беше лансиран само две години пред стотиот роденден на првиот хибриден автомобил во историјата. Предноста на оваа технологија е во тоа што го подобрува енергетскиот биланс на автомобилот. Имено, моторот со внатрешно согорување вообичаено испорачува само мал дел од силината што може – максималните вредности се користат многу ретко. Во комбинација со електромотор тој може да биде помал и послаб но сепак доволен за нормално возење, а при забрзувања или на поголеми нагорници неговата моќност се дополнува со онаа од електромоторот. Ни тој не треба да биде со голема сила бидејќи располага со голем вртежен момент веќе од нула вртежи. Покрај тоа може да служи и како генератор кој произведува струја при забавување на возилото.

Првиот хибриден автомобил во историјата беше белгискиот Pieper од 1899 година. Кај него во нормално возење бензинскиот мотор само ги полнеше батериите, а при поголеми напрегања и двата мотора работеа заедно. Нешто пред неговото појавување австрискиот Lohner го ангажираше младиот и за механика талентиран Фердинанд Порше за да ги електрифицира нивните кочии, што тој успешно го стори. Брзо се сфати дека акумулаторите се најголемата слабост на електричните возила и во 1902-рата Порше вгради и бензински мотор кој произведуваше струја за електромоторите сместени во главчините на предните тркала. Заради тоа возилото тој го нарече Mixte-Wagen. Слична логика имаа и во белгиската компанија Auto-Mixte која во 1906-тата на основа на патентите на Pieper започна со производство на хибридни возила.

Високата цена сепак беше пречка за било каков напредок на тоа поле, така што хибридните технологии, иако и таму во многу мал број примери, продолжија да живеат само кај камионите и автобусите. Со истите проблеми се соочија и американските иноватори. Први, во 1916-тата, хибридни возила направија компаниите Woods Motor Vehicle и Owen Magnetic. Следеше голем застој исполнет со ретки обиди за развој на хибридни возила за кој инвеститорите не беа заинтересирани, сметајќи дека тоа е слепа улица. Еден од поинтересните е францускиот Arbel од 1951-вата кој во подоцнежните верзии е замислен, за среќа не и реализиран, со нуклеарен наместо со хибриден погон.

Од средината на ’60-тите во развојот на хибридите се вклучуваат и големите производители. Тогаш во САД настануваат некои интересни концепти, како што се XP-512H и посериозниот XP-883 кои General Motors ги претстави во 1965-тата и 1969-тата. Но можеби клучниот е прототипот Amitron на корпорацијата American Motors од 1967 година, значаен по патентот за регенеративно кочење. Volkswagen пак го претвори легендарниот комби T2 во хибридно такси возило жртвувајќи ги совозачкото седиште, просторот под клупата за патници и дел од багажникот за сместување на батериите чија големина и тежина и понатаму беа проблем.

Вистинскиот исчекор беше направен при крајот на дваесеттиот век. Audi во 1997 година го лансираше дизел-хибридниот Duo базиран на A4 Avant од кој продаде едвај деведесеттина примероци по цена од 60.000 марки. Toyota пак избра сосема друг пристап сметајќи дека новата технологија треба да ја промовира и нов футуристички дизајн и дека хибридните возила треба да изгледаат поинаку од било што друго на пазарот. Исто мислеа и во Honda кога во 1999-тата го претставија Insight. Следеа бројни модели на многу други производители, но проблемите со тежината и цената останаа. Високите трошоци за развој започна да се исплаќаат дури со отфрлањето на дизелите. Дотогаш веќе започнаа да се појавуваат и плаг-ин хибридите кои имаат посилни електромотори и батерии со поголем капацитет, а со тоа и електрична автономија доволна за нивно секојдневно користење во град. Прв таков беше моделот F3DM од 2008-мата на тогаш сосема непознатиот кинески производител BYD.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *