Tags: , ,
Mercedes SL W113 (1963-1971) – фото галерија

Синоним за Mercedes

» Ознаката SL низ децениите секогаш ја носеа исклучителни модели на Mercedes со врвна техника и дизајн, но со различен карактер. Некои беа бескомпромисни тркачи, други грантуризмо купеа или пак силни родстери, но заедничко на сите покрај надалеку познатиот квалитет им е моќниот шарм на трикраката ѕвезда. Секако и името кое прочуениот 300 SL со своите врати кои се отвораат нанагоре како галебови крилја го прослави во 1954 година. Сепак секоја генерација на Mercedes SL посебно си го има заслужено своето место во историјата на автомобилизмот, заради што овој пат вниманието ќе го насочиме кон втората серија W113 која под ознаката 230 SL се појави во 1963 година.

Гледано од историски аспект таа е карактеристичен пример за славата на ознаката SL бидејќи во себе ги содржи сите квалитети на претходната и идните генерации на овој модел. Приказната за него започнува при крајот на педесеттите години кога фантастичната, ама доста специфична прва генерација на SL ги стави стручњаците на Mercedes пред голема дилема. Од една страна беше желбата да се унапреди концепцијата на суперспортист со голема сила и брзина, но со мала продукција заради високата цена, каков што беше случајот со преубавиот 300 SL, а од друга да се направи пристапен модел со поконвенционална техника кој ќе освои многу поширока публика, што беше формулата за успех на 190 SL кој важеше за негова помала копија. А токму тој со неговите недостатоци, пред сé слабите перформанси, недвосмислено го покажа патот по кој тргна Mercedes создавајќи помал, покомпактен, релативно евтин, но и понатаму доволно моќен и брз автомобил.

После одлука за основната концепција, дизајнерите добија три основни насоки за својата работа – новиот SL мора да биде комфорен и простран, да има убава каросерија со модерна форма и да користи што повеќе механички компоненти од постоечките модели. Причината за ваквата рационализација при неговото проектирање беше тоа што тие години Mercedes сé уште немаше моќен имиџ на врвен производител кој го стекна подоцна. За разлика од денес, штутгартската компанија не беше толку голема ниту пак богата, а и извозот и беше мал. Послевоеното опоравување беше долго и тешко, а конкуренцијата бројна, славна и силна. Заради сето ова јасно беше дека управата не смееше да си дозволи евентуално промашување.

Резултатот на четиригодишната работа ја имаше својата премиера на женевскиот салон во 1963 година. Дизајнерите успешно ги завршија своите обврски и создадоа автомобил со убав, долговечен и допадлив облик. Иако најпогоден термин за овој двосед со голем багажник беше „булеварски крстосувач“, елегантните, рамни линии и мноштвото хромирани елементи ги наведоа специјализираните новинари новиот 230 SL да го прогласат за луксузен спортски автомобил, и покрај тоа што вториот епитет и баш не беше на место. Но затоа исправно ја забележаа зголемената грижа за безбедноста на патниците која тој ја обезбедуваше со цврстата конструкција со деформабилни зони и управувачот и рачките на него кои при судар требаа да се скршат и така да ги спречат повредите на возачот. Овој модел воедно беше и првиот Mercedes со радијални пневматици.

Како и 190 SL, така и новиот 230 SL беше понуден како родстер-купе со платнен и/или отстранлив тврд покрив за чија демонтажа беа потребни барем двајца мускулести поединци. Заради чудната конкавна линија на покривот веднаш по претставувањето го доби вечниот прекар „Пагода“, според покривите на градбите од далекуисточната архитектура на кои потсетуваше. Овој момент му даде на 230 SL и мала доза авангардност по која Mercedes не беше познат, а која доста добро делуваше како продажен адут. Затоа и веднаш по претставувањето го привлече вниманието на добростоечките купувачи, така што често можеше да се види во монденски летувалишта а заради тврдиот покрив и во зимските центри.

Во неговиот нос се најде реден шестцилиндричен агрегат со зафатнина од 2,3 литри, од каде и дојде нумеричкиот дел од ознаката на 230 SL. Неговите 150 KS беа доволни за максимални 200 km/h и забрзување за 11 секунди до 100 km/h. Силата се пренесуваше преку четиристепен мануелен или автоматски менувач. Платформата и сите елементи на подвозјето доаѓаа од моделот 220 SE, што беше во согласност со барањата на управата. Во 1966-тата беше понуден и со опционална мануелна трансмисија со пет степени на пренос, а при крајот на годината започна и производството на обновената верзија со 2,5 литарски мотор со ознака 250 SL. Таа номинално ја имаше истата моќност од 150 KS но со нешто поголем вртежен момент и пософистицирана работа, а доби и диск сопирачки на сите тркала и поголем резервоар за гориво во кој место 65 собираше 82 литри. Идната година се појави и California Coupe верзијата само со отстранлив тврд покрив и дополнителни, доста мали седишта назад на местото предвидено за складирање на платнениот покрив. Во 1968 година беше претставен моделот 280 SL со 2,8 литарски мотор со 170 KS, кои му даваа за нијанса подобри перформанси. Тој воедно беше и најпродаван од сите изведби на W113 кои до 1971 година заедно беа произведени во 48.912 примероци. Од нив 19.440 беа продадени во САД донесувајќи му на Mercedes поголема афирмација на тамошниот пазар, посебно меѓу славните личности кои го ценат и до ден денес – Чарлтон Хестон, Тони Кертис, Џон Ленон, Џон Траволта, Кејт Мос, Петер Јустинов, Софија Лорен…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *