Tags: , ,
Lancia Flaminia Berlina (1957-1970) – 2*видео

Великан од сенка

» Lancia Flaminia, елегантната лимузината на почетокот со 2,5 а потоа со 2,8 литарски V6 и transaxle концепција, прилично е редок примерок на дизајнерската револуција од ’50-тите, дури и кај домашните италијански колекционери. Се појави во 1957 година како најголем и најпрестижен модел на италијанскиот производител, пред кој беше поставена тешка задача да замени еден од најфасцинантните и најзначајни автомобили било кога направени – Aurelia, која колку и да беше технички напредна, брзо започна да покажува знаци на старост, посебно во комерцијално најзначајната лимузинска изведба. Инженерите во Торино се зафатија со работа на нејзиниот наследник, а дека подготвуваат нешто посебно покажаа со ознаката. Во тоа време сите модели на марката, наречени по патиштата од епохата на римското царство, почнуваа со буквата А, па изборот новиот модел да започнува со F беше најава на нова политика.

Flaminia по многу што беше преломен модел во историјата на Lancia. Целосната промена на концептот на автомобилот, иако техничките разлики не беа толку драматични, беше предизвикана со големите смени во самата компанија. Џани Ланча ја загуби сопственоста над компанијата која ја основаше неговиот татко, а главниот конструктор, легендарниот Виторио Јано, отиде во Ferrari. И двајцата беа големи тркачки ентузијасти и Aurelia беше одраз на тоа – практично скоро тркачки автомобил по сила на приликите прилагоден за патна употреба. Новиот сопственик, индустријалецот Карло Пезенти, иако љубител на автомобилите не се расфрлаше со пари за трки, па на чело на техничкиот оддел го постави Антонио Феси, кому исто така не му беше гајле за натпреварувањата. Долгорочно тоа водеше до моделите со преден погон, но Flaminia како прв претставен беше поконвенционална. Технички освен новото предно ослонување немаше големи исчекори, но автомобилот повеќе не беше наменет за бркање по патиштата, туку за елегантно и луксузно возење. И визуелно беше неверојатен – со него Lancia раскрсти со традиционалната вертикална маска и му намени легнат, многу поедноставен облик. Затоа и понудена на купувачите летото 1957-мата, лимузината без било какви забележливи задни дизајнерски измени (внатре ги имаше), освен исфрлањето на контроверзните бришачи на задното стакло и новите задни светла, се задржа во понудата 13 години.

Имаше импозантна појава – должина 4.855, широчина 1.750 и височина 1.460 mm, а беше тешка дури 1.460 kg. Класичниот дизајн од ’50-тите, кој го инспирираше и популарниот Peugeot 404, исто така дизајниран од Pininfarina, обезбеди голем комфор со аеродинамика на трокрилен шифоњер – коефициентот на отпорот на воздухот изнесуваше 0,48. Интересно е што во време кога поголем дел од европските лимузини (освен француските) се тркалаше на 12 и 13-инчни, таа беше поставена на 16-инчни тркала – големиот дијаметар ги подобруваше удобноста и лежењето на патот. V6 моторот имаше класична OHV конструкција со една централно сместена една брегаста оска. Основната верзија од 2.458 cm³ развиваше 102 KS при 4.800 вртежи во минута, кој му обезбедуваше тогаш перформанси за почит – забрзување до 100 km/h за 17 секунди и максимална брзина од 160 km/h, со просечна потрошувачка од 12,5 литри. Менувачот беше четиристепен, сместен пред диференцијалот назад заради подобра распределба на тежината.

Она што го краси овој модел е бескомпромисниот квалитет на изработка – секоја transaxle единица беше тестирана два часа при 2.000 вртежи во минута и ако не беше сосема бесшумна, беше шкартирана. Сразмерно малата должина на моторот во споредба со четирицилиндричните агрегати, во комбинација со големото меѓуоскино растојание од 2.870 mm, овозможуваше кралевски комфор на задните седишта. Заради сето ова не треба да чуди што беше избор на претседателот на републиката – за државнички потреби беа направени четири продолжени примероци. Впрочем Lancia ни тогаш не привлекуваше луѓе со желба за покажување, туку префинети купувачи со вкус. Ернест Хемингвеј беше долгогодишен нејзин поклоник, со неа се користеше и Одри Хепберн, а и Софија Лорен имаше еден примерок.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *