Tags: ,
Mazda Luce (1966-1973) – Италијански дизајн, јапонска слава

Ремек-дело на софистицираност и едноставност

» Водена ентузијастички, компанијата Toyo Kogyo на почетокот на шеесеттите години го ангажираше студиото Bertone за дизајн на своите нови модели. Тогаш за него работеше славниот Џорџето Џуџаро, кој за Јапонците направи неколку интересни креации. Една од нив за која погрешно се верува дека е проект одбиен од Alfa Romeo е моделот Luce, чие име на италијански значи светлина. Настанат во време кога јапонските возила изгледаа како карикатури на тркала, овој седан со своите складни линии просто ги маѓепсуваше погледите и за него и денес се смета дека е ремек-дело на софистицираност и едноставност. Големите стаклени површини обезбедуваа одлична прегледност, а внатрешноста ги нагласуваше тогашните спортски амбиции на компанијата од Хирошима која дури во 1984 година го смени своето име во Mazda.

Од механичка страна овој автомобил беше со класична конструкција. Менувачот беше четиристепен, погонот на задните тркала, а моторот 1,5 литарски, на почетокот со 78 KS, а подоцна засилен на 86 KS. Тогаш се појави и караванската верзија, а во ’68-мата беше додаден и 1,8 литарски мотор со 104 KS. Основниот квалитет сепак лежеше во врвната изработка и самата конструкција која како да беше наменета за многу посилен и потежок автомобил. Така стекнатата робусност доведе до популарност на караванот, кој до крајот на кариерата на овој модел опфати отприлика четвртина од вкупно произведените 160.000 примероци. Тој имаше нешто поголем багажник од конкурентите, но и декларирана носивост за околу половина повеќе од било кој друг автомобил во класата. Во 1969 година започна да се изработува и елегантна купе верзија со две врати и ванкел мотор со 126 KS, кој ги задвижуваше предните тркала. Од неа беа произведени само 976 парчиња.

Овој автомобил се извезуваше во Австралија, САД и Европа како Mazda 1500, а подоцна кога доби поголем 1,8 литарски мотор и како Mazda 1800. Продажбата беше скромна бидејќи странците беа сомничави кон автомобилите од Далечниот Исток, со којзнае каков квалитет. Колку не беа во право се дозна со години подоцна бидејќи возилата на Mazda едноставно се покажаа неуништливи. И покрај уникатната понуда која вклучуваше и екстравагантни бои како златната и силниот имиџ кој му донесе прекар „господар на патот“, продажбата не беше голема ни во Јапонија бидејќи цената беше висока. Така Mazda Luce од првата генерација зазеде неправедно место во колективната светска автомобилска историја.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *