Наследник на култниот 190 и творец на нова енергија во Штутгарт
» Компактен, сигурен и баран – Mercedes C-класа од серијата 202 постигна извонреден успех и со своите атрибути ја зацврсти легендарноста на својот впечатлив претходник 190, нашироко познат како бејби Benz. Новите дизел и бензински мотори со четиривентилска технологија имаа повеќе сила, помала потрошувачка и почисти издувни гасови. Посебна беше и спортска верзија со 280 KS, првиот заеднички проект со AMG. Со C-класата сукцесивно започна да се воведува и новата номенклатура со која ознаката на моделот следеше нова логика.
Дизајнот на серијата 202 беше и остана безвременски елегантен – моделот требаше да привлече пошироко внимание со својата естетика. Природно се вклопи во дизајнерскиот потпис на марката покажувајќи уште на почетокот дека беше на правиот пат. Во споредба со својот претходник правата C-класа нудеше значително повеќе простор во внатрешноста. Место да признаат дека 190 едноставно го направија премногу тесен, од Mercedes за тоа ќе кажат дека одговориле на фактот дека популацијата на Европа расте од година во година. Тоа со незначителен пораст на димензиите е постигнато со друг распоред на компонентите – моторот, оските и преносот но и со преместување на резервоарот за гориво кој кај 190 беше вграден зад задната клупа. Тој сега беше пластичен што овозможи послободно да биде обликуван за да се смести пред задната оска под седиштата, кои со тоа можеа да бидат поставени малку поназад. Беше зголемен и капацитетот на багажникот и сето тоа со само за околу четири сантиметри поголема должина.
Покрај подобрената безбедност кај фронтални и судари од задната страна, инженерите дадоа висок приоритет и на заштитата од бочни судари. Пакетот мерки беше опсежен. Автомобилот имаше едноделен бочен ѕид, а цевкастата структура ги засили вратите. Централните столбови со тројна облога имаа широка и робусна основа на преминот во бочните прагови. Масивните попречни носачи под предните седишта ја пренесуваа силата на ударот на средишниот тунел и другата страна на возилото, а нивното свиткување и гужвање го спречуваа преградите во бочните рабови. И седиштата беа конструирани да бидат покрути. Освен ова, технолозите го имаа на ум и зачувувањето на ресурсите заради што цел им беше да обезбедат 85 отсто од возилото да може да се рециклира. За разлика од 190, уште рано во фазата на проектирањето на W202 кое започна 1986 година управниот одбор на Mercedes одлучи да се развие и караван, со интерна ознака S202, кој лансиран 1996-тата беше прв караван во класата.
C-класата беше лансирана со четири бензински и три дизел мотори, сите со четиривентилска технологија. Бензинската гама ја сочинуваа четирицилиндричните агрегати од 1,8, 2,0 и 2,2 литри со 122, 136 и 150 KS) и шестцилиндричниот реден 2,8 литарски модел со 193 KS. Новите бензински мотори имаа поголем вртежен момент и повисока номинална силина отколку кај претходникот 190, а квалитетот на издувните гасови значително беше подобрен. Врв во серијата W202 беше C 36 AMG претставен есента 1993-тата, како прв модел заеднички развиен од Mercedes и AMG. Беше базиран на C 280 во Sport линијата опременост, чиј шестцилиндричен агрегат беше зголемен на 3,6 литри. Посебните клипови, модифицираното коленесто вратило и поголемиот степен на компресија резултираа со 280 KS. Каросеријата беше спуштена за десет милиметри, а модифицираните браници, бочните прагови и поголемите тркала визуелно го истакнуваа. Дизелите стартуваа со четирицилиндричните агрегати од 2,0 и 2,2 литри со 75 и 95 коњи, како и со петцилиндричниот 2,5 литарски со 113 KS. Mercedes беше првиот светски производител кој ги опреми своите дизел мотори со по четири вентили на цилиндар. Заедно со другите технички подобрувања како што се новите електронски системи на вбризгување, постигнатиот напредок резултираше со повеќе сила и поголем вртежен момент. Рециркулацијата на издувните гасови и дизелскиот катализатор значително ги намалија емисиите на честички.
Во текот на својата кариера која кај лимузината траеше до 2000-тата а караванот до 2001-вата, C-класата доби бројни технички и визуелна подобрувања. Серијата моторни унапредувања започна со компресорската верзија на 2,3 литарскиот агрегат чија сила порасна на 193 коњи. Со ажурирањето 1997-мата C-класата доби нови V6 мотори, 2,4 литарски со 170 и 2,8 литарски со 197 коњски сили. Електронската програма за стабилност на почеток беше достапна само за овие модели, а подоцна и за останатите. Стандардната опрема вклучуваше странични воздушни перници, затегнувачи на сигурносните појаси со ограничувачи на силата и систем за помош при запирање. Тогаш во вториот дел од животниот век C-класата доби и V8 мотори, прво 4,3 литарски со 306 а потоа и 5,4 литарски со 347 KS. Под диригентската палка на AMG успехот на C-класата од сообраќајниците се пресели и на тркачките патеки. Секако, и дизелската понуда беше унапредувана. Во ’95-тата C-класата стана првиот патнички автомобил со турбо дизел мотор со четиривентилска технологија и интеркулер, со чија помош 2,5 литарскиот агрегат испалуваше 150 KS. Наредната година силата на дволитарскиот дизел порасна на 88 коњи, а во 1998-мата под хаубата на C-класата влезе и common-rail вбризгувањето со кое новите 2,1 и 2,2 литарски дизели развиваа 102 и 125 KS.
Од првата C-класа Mercedes произведе 1.626.135 возила во лимузинска и уште 221.247 во караванска изведба, односно вкупно 1.847.382. Покрај во фабриките на Mercedes во Бремен и Зинделфинген во Германија, се произведуваше и во Мексико, Индонезија, Виетнам, Тајланд, Јужна Африка и Египет. Така започна успешната приказна која во Штутгарт се пишува со буквата C.