Tags:
Денешниот ден во ретровизор <br/>11 јануари 1955 година

Слабо позната марка со значајна улога во италијанската автомобилска индустрија

» Италијанската компанија Bianchi која и ден-денес е позната по своите велосипеди, меѓу двете светски војни се обиде да стане дел од италијанската автомобилска индустрија настапувајќи со голема посветеност на деталите во нејзиниот краен луксузен сегмент. Бомбардирањата на сојузниците кои им ја срамнија со земја фабриката им ги прекинаа активностите, но не и амбициите – наоѓајќи поддршка во Fiat и Pirelli, на денешен ден во 1955 година беше основана заедничката компанија Autobianchi, во која трите рамноправни партнери имаа строго поделени улоги и јасно дефинирани задачи кои започнаа да се реализираат со изградба на нова фабрика во која во 1957 година започна да се произведува првиот модел од новата марка.

Наречен Bianchina, тој беше врвна премиум троволуменска изведба базирана на механиката на Fiat 500 со многу луксузни детали. Со текот на годините беа додадени и други невообичаени каросериски варијанти, кои придонесоа за идното насочување на марката како тест-полигон на Fiat за иновативни концепти и нови технологии. Тоа посебно дојде до израз со моделот Primula, со кој се експериментираше со погонот на предните тркала. Кризата на италијанскиот мото-пазар беше причина Bianchi да ги продаде своите акции од Autobianchi на Fiat, кој во 1968 година целосно ја интегрираше компанијата во својот систем, конкретно под капата на Lancia. Резултатот од тоа беше претставувањето на A112, кој како најуспешен модел ја дефинираше целата историјата на марката. Се произведуваше цели 17 години и скоро на сите пазари се извезуваше под амблемот на Lancia, што беше причина неговиот наследник Y10 кој е последен модел на Autobianchi, да го паметиме само како Lancia. Следствено на сето ова, Fiat целосно ја згасна марката Autobianchi во 1996 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *