Tags: , , ,
Renault Espace (1984-1991) – видео, фото галерија

Европскиот моноволуменски крал

» Еден од најуспешните модели на Renault од поновото доба секако е Espace кој беше претставен 1983 година. Генијалниот моноволуменец, првиот европски модел со оваа концепција кој покрена лавина други слични такви европски модели, всушност требаше да настане под капата на PSA како наследник на интересниот кросоверски Matra Rancho. Но кој знае зошто челниците на Peugeot Citroen овој концепт го сметаа за неперспективен. Бидејќи Matra иако тогаш беше во состав на PSA имаше можност за самостојно работење и одлучување, откако матичната компанија го одби проектот го понудија на Renault каде го препознаа неговиот потенцијал.

Таа концепција половина година пред тоа ја воведе Plymouth Voyager кој во Европа се продаваше под ознаките на Chrysler, кој пак беше сопственик на Matra пред Peugeot, така што постои концепциска поврзаност меѓу двата модела. А Renault Espace беше европски пионер на генијалниот концепт ‘кутија на тркала’ со хауба и ветробранско стакло во една рамнина под агол кој обезбедуваше интересен спој на пространоста и функционалноста од една и одлична аеродинамика од друга страна. Коефициентот на отпор на воздухот од 0,32 за возило со комби форма беше сензационален и основа за уверливите перформанси и поволната потрошувачка. Но Renault направи голем исчекор и со изведбата – целосно поцинкуваната каросерија, дополнително точкасто заварена, овозможи отпорност на корозија и структурална цврстина со тенка подница.

Концепцијата со седум седишта во три реда кои можеа посебно да се преклопуваат и извадат обезбеди чудесна функционалност на внатрешниот простор. Моторот беше поставен надолжно бидејќи се користеше механичката концепција на моделите 20 и 30. При лансирањето во јули 1984-тата Espace беше на располагање само со еден бензински мотор, дволитарски, со четири цилиндри, брегаста оска во главата задвижувана со запчест каиш и 110 KS. Спарен со петстепен мануелен менувач овозможуваше забрзување до стотка за 11,9 секунди и постигнување максимални 175 km/h, просечно трошејќи 9 литри гориво на 100 километри – бројки кои за возило со комби облик беа повеќе од одлични. Но, стартот на продажбата беше катастрофален – првиот месец беа продадени само 9 примероци, а до крајот на годината едвај 2.703. Тогаш Espace беше понуден и со турбо дизел од 2,1 литри со 88 KS, кој исто така имаше добри перформанси – забрзување до 100 km/h за 13,3 секунди, максимални 165 km/h и просечна потрошувачка од 6,8 литри на 100 километри. Купувачите започнаа да ги препознаваат квалитетите на Espace и продажбата растеше, така што покрај погоните на Matra, за негово производство беше ангажирана и фабриката на Alpine. Голема новост следеше летото 1986-тата со моделот Quadra со 4×4 погон, 2,2 литарски бензински мотор со истите 110 KS но со повисок вртежен момент. Две години потоа Espace беше естетски освежен, а дволитарскиот бензинец под хаубата доби две верзии, со 101 и 120 коњски сили.

Од првата генерација на Espace до 1991 година беа произведени точно 191.674 примероци. Најдобро се продаваше во годините кога започнаа да се појавуваат неговите конкуренти.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *