Првиот сериски автомобил со дизел мотор
» Претставен на салонот на автомобилите во Берлин 1936 година, Mercedes 260D од серијата W138 се смета за првиот сериски автомобил со дизел мотор иако Citroen го нудеше моделот Rosalie претставен три години пред тоа но само во доставната верзија, произведен со дизел мотор во прескромни 20-тина примероци. За разлика од него германската луксузната лимузина доживеа вистинско сериско производство. Не многу големо но доволно да го сместат овој модел во историјата – до 1940-тата кога се премина на воено производство беа направени точно 1.967 примероци.
На идејата да се понуди автомобил со дизел мотор Mercedes започна да работи во 1933 година кога во возилата од W10 Mannheim серијата се испробуваше мотор со 3.818 cm³ и 80 KS развиен од докажаните редни шестцилиндрични агрегати од комерцијалните возила. Но силните вибрации не само што негативно влијаеја на комфорот во возењето туку ја оштетуваа и конструкцијата на автомобилот скратувајќи му ја трајноста. Беа развиени два други мотора, еден со три цилиндри и 30 KS и друг со четири цилиндри и 35 PS, но ни тие не ги задоволија барањата. Затоа инженерите повторно се вратија на моторот од камионите на кој му беа скратени два цилиндра и намален степенот на компресија. Така настана 300-килограми тешкиот четирицилиндричен OM138 мотор со три лежишта на коленастото вратило, вентили во главата и брегаста оска во блокот кој имаше 2.545 cm³ и при 3.000 вртежи во минута развиваше 45 KS.
Првите возила во кои беше вграден беа од W21 серијата која имаше робусна каросерија поставена на масивна шасија со независно ослонување. Беа направени околу 170 примероци од продолжената верзија, наменети само за такси превоз. Тешки 1.530 kg, постигнуваа 90 km/h. Откако се покажа дека функционираат задоволително, наредната 1937-мата се пристапи кон посериозно производство. Сега беше употребена каросеријата на свежопретставениот W143, достапен со стандардна или продолжена каросерија и во кабриолет изведба. Со новиот менувач се обезбедија максимална брзина од 94 km/h и малку над девет литри на 100 km потрошувачка на дизел гориво (кое чинеше помалку од половина од цената на бензинот), што тогаш беше револуционерно ниско за лимузина од таков калибар.