Пионер на силните дизел автомобили
» При крајот на јули 1974 година Mercedes го претстави моделот 240 D 3.0 кој го понесе епитетот прв сериски автомобил со петцилиндричен мотор. Станува збор за најинтересната изведба на славната W114/W115 серија претставена 1968 година, која со скоро двата милиона произведени примероци достигна речиси ист број како и сите повоени автомобили на Mercedes заедно. Заслуга за тоа е нејзината издржливост – еден грчки таксист со Mercedes 240 D чие возило сега е во музејот на марката во Штутгарт, има поминато 4,6 милиони километри.
Појавувањето на помоќна дизел верзија беше потребно бидејќи четирицилиндричните мотори на 200 D, 220 D и 240 D развиваа 55, 60 односно 65 коњски сили. Но вградувањето на шестцилиндричен мотор беше дискутабилно заради неговата тежина, должина и цена, заради што со додавање на уште еден цилиндар на агрегатот од 240 D се доби петцилиндричен мотор работна зафатнина од 3.005 cm³ кој своите 80 KS ги развиваше при 4.200 вртежи во минута. Со продолжени преносни односи тие му обезбедуваа тогаш пристојни перформанси – забрзување до стотка за 19,9 секунди и максимална брзина од 148 km/h, со просечна потрошувачка од 10,8 литри на 100 km. До крајот на 1976 година кога моделот беше заменет со легендарната W123 серија беа направени 53.690 примероци од 240 D 3.0 чија продажна цена иницијално изнесуваше 18.815 германски марки.