Tags: ,
Горивни ќелии (2*видео)

„Проточни батерии“

» Горивните ќелии (fuel cell) се слични на батериите и произведуваат струја со електрохемиски процес меѓу водород и кислород, така што наједноставно може да се опишат како еден вид „проточни батерии“. Тие директно ја претвораат хемиската во електрична енергија, без потреба за нејзино претворање во топлинска. Постојат повеќе видови горивни ќелии. Моментално најмногу се работи на мембранските кои се наједноставни. Ги има измислено Сер Вилијам Гроув на средината на 19 век, ама практично беа заборавени до почетокот на вселенската програма – во проектот Џемини се користеа мембрански, а во Аполо алкални горивни ќелии. Развојот на горивните ќелии за комерцијални примени започнува дури на почетокот на ’90-тите години. Пионери се компаниите UTC Power од САД и Ballard Power Systems од Канада. Во автомобилскиот свет сите големи компании имаат или имале по некој проект со водородни горивни ќелии – најактивни сега се Toyota и Hyundai.

Основниот принцип на работа на горивните ќелии може да се опише со тоа дека водородот кој се доведува до едната страна на мембраната со помош на катализаторот се раздвојува на протони и електрони. Од нив само протоните поминуваат низ мембраната, а електроните остануваат таму каде се. На тој начин меѓу плочите се создава електричен потенцијал, односно генерира електрична енергија. Главните предности на горивните ќелии се високиот степен на енергетска искористливост (значително поголем отколку кај класичните мотори со внатрешно согорување) и огромните еколошки предности бидејќи не произведуваат штетни издувни гасови. Но, имаат и сериозни недостатоци – водородот како гориво е непрактичен. Треба најпрво да се произведе, за што е потребно многу енергија. Покрај тоа резервоарите за него се големи, скапи и заземат многу простор. Најголемиот проблем е како да се постигне конкурентна цена.

Сепак постои надеж – горивните ќелии во основа се едноставни. Главните делови им се мембраната, електродите и сепараторската плоча. Најскапи материјали се флуорираниот полимер кој се користи  за мембраните и платината која служи како катализатор во електродите. Потребната количина платина е околу еден грам за киловат моќност.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *