Само за Америка
» Mazda го претстави новиот SUV CX-50, кој се одликува со посилен настап отколку што сме навикнати кај марката, но новиот дизајн одлично му прилега. Како прв од низата нови модели кои се најавени, тој е наменет само за Америка и таму ќе се произведува – во новата фабрика во Алабама, заедничка со Toyota. Во неа тие вложија 1,6 милијарди евра и ќе произведуваат по 150.000 возила годишно. Поставен е на истата платформа што веќе се користи кај Mazda3 и CX-30, но е позициониран над CX-5. На почеток ќе се нуди со атмосферски и турбо Skyactiv-G бензинци од 2,5 литри со 187 и 250 коњски сили, а подоцна ќе стигне и електрифицирана изведба. Погонот ќе биде на сите тркала, но прецизните технички податоци не се откриени. Можеби намерно за сега да зборуваме само за дизајнот, кој добро му лежи. Настапот му е прилично силен, со нагласени пластични заштити околу целото возило, а сите линии и детали добија поостри рабови. Внатрешноста е еволуција на актуелните модели и во неа Mazda си игра со луксузот и едноставноста.
Што Јапонците ќе подготват за Европа, ќе дознаеме набргу.