Последниот вистински Lamborghini
» Lamborghini го испрати во пензија Aventador после 11 години и 11.465 произведени примероци. Импресивноста на овие бројки е поголема ако се знае дека иницијално беше планирано да се произведат само 4.000 возила. Овој чистокрвен Lamborghini со атмосферски V12 мотор одбележа една ера не само за италијанскиот производител туку и за целата авто-индустрија воопшто, ера во која електрификацијата срамежливо се пробиваше а вистинските љубители на суперавтомобилите со презир гледаа на турбо моторите. Таа ера помина заедно со Aventador за кој со право се тврди дека беше последниот вистински Lamborghini.
Беше претставен на салонот на автомобилите во Женева 2011 година со полна ознака Aventador LP 700-4, што во превод значеше дека има мотор поставен надолжно назад со 700 коњски сили и погон на сите четири тркала. Агрегатот беше нов, со агол меѓу редовите цилиндри од 60˚, развиен да ги опфаќа сите позначајни нови технологии испорачувајќи перформанси кои го одземаат здивот. Затоа и со право тогаш се велеше дека Aventador скокна цела една генерација во споредба со Murcielago чиј наследник беше. Времето што следеше го потврди тоа. Впрочем, Lamborghini продаде повеќе примероци од Aventador отколку сите свои претходни V12 модели заедно.
Заслугата за тоа лежи во тежнеењето на компанијата вредностите на автомобилот да бидат секогаш во центарот на вниманието. Неговиот чист дизајн, беспрекорните перформанси и техничките иновации се преплетуваа во најемотивна безвременска привлечност. Лесната монокок школка од јагленородни влакна прва од таков вид кај сериските автомобили тежеше само 147,5 kg и беше направена со користење на процес целосно смислен од Lamborghini. Таа всушност и беше причината за првичното ограничување на производството – беа направени осум калапи, секој со рок на траење за производство на 500 парчиња. Со колкава сериозност беше пристапено кон новите технологии сведочи и формираниот тим летечки доктори кој патуваше низ светот за да им помогне на дилерите во дијагностиката и поправката при оштетувања.
Моторот кој својата максимална моќност ја испорачуваше при 8.250 вртежи во минута овозможување постигнување 100 km/h од место за 2,9 секунди и најголема брзина од 350 km/h. Но побитно беше тоа што кривата на вртежниот момент чиј врв беше на 690 Nm беше добро заокружена, обезбедувајќи влечна снага во сите режими. Динамиката, аеродинамиката ефикасност, прецизното ракување и звукот на V12 моторот на Aventador му обезбедија легендарен статус и вечна привлечност. Роботизираниот менувач ги менуваше степените на пренос за само 50 милисекунди, системот за ослонување беше инспириран од формула 1 а сите подесувања на електронските системи беа обединети во три режими на возење – Strada, Sport и Corsa. За дизајнот со затегнатите линии, вешто сложените површини и вратите кои се отвораат нанагоре нема што да се каже освен дека е уметничко дело на италијанската автомобилска индустрија.
После дебито на Aventador LP 700-4, во декември 2012-рата следеше родстер верзијата со отстранливи панели од покривот. Во Женева 2015 година беше претставен Aventador LP 750-4 SuperVeloce надграден со 50 KS повеќе, олеснет за 50 kg и фиксно задно крило од јагленородни влакна. Како резултат, забрзувањето до 100 km/h беше скратено за само 0,1 секунда што кажува колку добро беше направен основниот модел. Производството на оваа верзија ограничено на 600 купеа и подоцна во текот на летото најавените 500 родстери беше распродадено во рок од неколку месеци. Една година откако беа испорачани повеќе од 5.000 примероци од Aventador, во март 2017-тата беше претставена неговата нова серија со суфикс S кој означуваше дека содржи низа подобрувања. Модификациите на дизајнот вклучуваа нова аеродинамика, силата беше зголемена на 740 коњи, управувањето беше на сите четири тркала а целата контролна електроника обединета во еден систем. Веднаш потоа, на салонот во Франкфурт дебитираше и родстер верзијата.
Вистинскиот бисер следеше наредната 2018-тата со појавувањето на Aventador SVJ, чиј преработен мотор произведуваше 770 KS и 720 Nm. Финалето на моделот дојде во јули 2021 година во LP 780-4 Ultimae пакувањето со 780 KS и максимални 354 km/h. Но она што го одбележа владеењето на Aventador беа специјалните изданија и посебните модели направени на негова основа. Да ги споменеме Veneno со кој Lamborghini ја прослави 50-годишнината од кои беа направени 4 купеа и 9 родстери, Centenario во чест на стогодишнината од раѓањето на Феручо Ламборгини (20 купеа и 20 родстери), уникатните SC18 Alston и SC20 Alston создадени од тркачкото одделение на марката, исто за трки направениот Essenza SCV12 чии 830 KS ги испробаа само 40 ентузијасти, радикалниот Sian FKP 37 (63 купеа и 19 родстери) направен за сеќавање на Фердинанд Пих со погонски склоп дополнет со електромотор и суперкондензатори место батерии кој испорачуваше 808 KS и секако Countach LPI 800-4 со чии 112 единици се прославија 50 години од појавувањето на легендарниот Countach кој беше инспирација и за Aventador и за сите V12 модели на Lamborghini меѓу нив.