Tags: , , ,
Citroen GS (1970-1986) – 117*фотографии, 2*видео

Заслужен меѓународен углед

» Citroen GS се појави во време кога слабо пополнетата гама на марката се состоеше од застарени и пазарно неатрактивни модели. Финансиски посебно погодуваше тоа што производителот немаше претставник во средната класа која беше најпрофитабилна. Во потрагата по соодветен модел развојот на GS траеше цели 14 години. Прототипите еден по еден беа отфрлани, беа потрошени многу пари, за на крај, практично набрзина, да се подготви моделот кој публиката за прв пат го виде на салонот на автомобилите во Париз 1970 година. Ниту атрактивниот SM кој беше претставен заедно со него не можеше да го засени – беше ѕвезда на салонот а ги воодушеви и новинарите кои му ја доделија титулата „Автомобил на годината“ во Европа. За 16 години колку се произведуваше, се продадоа во 2.473.499 примероци.

Ваквиот успех се должеше на тоа што како возило беше добро прилагодено на потребите на купувачите од тоа време. Имаше 5 седишта, должина од 4,12 метри, широчина 1,60 и височина 1,34 m, а тежеше 900 kg. Дизајнерите и конструкторите направија идеален спој на модерен и аеродинамичен дизајн со иновативна механика и добро осмислена внатрешност. Како врв на сé, беше опремен со напредно хидропневматско самонивелирачко ослонување кое му обезбеди удобност и возни својства што конкурентите не можеа да ги понудат. Меѓу другите карактеристики кои  го правеа автомобил пред своето време беа четирите диск сопирачки и багажникот од 465 литри односно 710 во караванската break изведба. Освен тоа имаше и некои оригинални решенија, како на пример рачната сопирачка со копче во средината на арматурната табла или брзиномерот кој бројките ги покажува низ дупче со стакло како лупа.

Неговата долга кариера ќе ја одбележат развојот на каросеријата со додавањето на петтата врата и зголемувањето на зафатнината и моќноста на моторите, а краткотрајно се нудеше и верзијата Birotor со ванкел мотор, продадена во едвај 847 примероци. Се произведуваше до 1986 година, покрај во Франција уште во вкупно девет други држави низ целиот свет, меѓу кои и три во Африка.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *