Човекот пред машината
» Враќајќи се кон оригиналната дизајн-филозофија од 70-тите кога беше претставена првиот Civic, Honda ја проектираше неговата нова генерација со фокус на човекот пред машината. Новиот модел во целост е поедноставен – и однадвор, и одвнатре. Изгледот на Civic сега е ублажен, пропорциите се поелегантни а димензиите зголемени. Линиите на ентериерот се чисти и прегледни, а физичките копчиња задржани за сите често користени команди. Новост се дигиталните инструменти и Bose премиум озвучувањето, со што се исполнува ветувањето дека 11-тата генерација на Civic ќе цели повисоко во поглед на стилот и комфорот.
Перформансите на моделот за северноамериканскиот пазар ќе ги обезбедуваат 2,0 литарскиот атмосферски агрегат со 158 и 1,5 литарскиот турбо со 180 коњски сили, засега само со континуирана варијабилна трансмисија. Безбедноста е подобрена со Honda Sensing активната технологија, а напредни технологии има колку сакате. Продажбата на новиот Civic во Америка ќе започне летово, по засега непознати цени. На верзиите за Европа и Јапонија ќе почекаме уште малку.